Научете правилно да ги нанесете производите за самопотемнување
Бронзениот сјај од туба или шишенце е можеби најлесниот и најсигурниот пат до беспрекорно потемнета кожа без изгореници.
За да не се соочите со проблемите кои многу од жените ги имаат како последица на неправилното користење, придржувајте се до следново упатство.
Тело
Веќе знаете дека првиот и најважен чекор е темелниот пилинг. Професионалците препорачуваат пилинг на база на сол, затоа што солта одлично ги отстранува мртвите клетки. Освен зрната сол, пилингот треба да биде без масло затоа што маслата создаваат бариера помеѓу кожата и состојките за потемнување. Најчесто, ова е причината за нерамномерниот тен и флеките на кожата.
Сувите делови на кожата третирајте ги со пилинг најмалку 2 дена пред користење на средството за самопотемнување и добро нахранете ги со мелем.
За да не ги обоите дланките со средството за самопотемнување, употребете гумени бели ракавици без текстура на нив.
За полесно нанесување на грбот, употребувајте средство во облик на спреј со истата нијанса која ја користите на остатокот од телото. Повторете ја постапката 2 до 3 пати за да бидете сигурни дека сте го покриле секој дел.
Лице
За бронзениот сјај на лицето следат слични упатства. За лицето користете понежен пилинг и исто така да е без масла. За темелно чистење на кожата масирајте го лицето најмалку 2 минути со кружни движења.
Кремата за самопотемнување најпрво размачкајте ја на рацете за да ги избегнете флеките. Погрижете се да го поминете секој раб од лицето, секоја вдлабнатина и испакнатина, како и вратот.
Најважно правило е да не ја повторувате постапката на лицето повеќе од еднаш.