„Немав љубов на прв поглед кога го родив моето дете - чувствував вина кога го видов првпат“
„Сакав да го заштитам моето дете од мигот кога го родив, но љубовта кон него се роди дури подоцна. Мора да ѝ дадеме време на мајчинската љубов“, вели Кетрин Батлер која сака да ја зголеми свеста за овој феномен и да им помогне на младите мајки да сфатат дека е во ред ако не почувствуваат љубов на прв поглед откако ќе се породат.
Секоја бремена жена очекува да почувствува неизмерна љубов кон своето новороденче уште од првиот миг кога ќе го види.
За повеќето жени ова е вистина, но ретко се зборува за фактот дека некои жени не ја чувствуваат оваа љубов уште веднаш.
Тие во никој случај не го мразат нивното новородено дете, но не можат уште веднаш да ја почувствуваат таа силна мајчинска љубов.
Покрај тоа, ако жената поминала низ тешко породување, нормално дека тоа ќе има некакво влијание додека да се стабилизира.
А, ова е сосема нормална појава бидејќи овие мајки со текот на времето сепак се вљубуваат во нивните деца.
Односно, нив им е потребно малку време да се навикнат на новата улога на мајка, без разлика што едвај чекале да добијат дете.
Иако овие жени го мислат најдоброто за нивното малечко и потоа вистински го сакаат, на почетокот чувствуваат вина, па дури и мислат дека се лоши мајки, само затоа што ова е појава за која не се зборува често, и покрај тоа што е нормална.
Сакајќи да им помогне на жените во ваква положба, една мајка – Кетрин Батлер – го споделува нејзиното искуство со оваа појава.
Нејзината исповед во продолжение:
„Ја поминав бременоста сонувајќи за волшебниот момент кога конечно ќе го видам лицето на син ми. Едвај чекав да го почувствувам тој наплив на чиста љубов.
Мигот кога првпат го видов син ми, лежев на грб и се грчев бидејќи имав конци на расцепот на вагината од породувањето. Бев преморена.
Една учтива медицинска сестра го држеше моето синче Џек и му го бришеше лицето. Ова не беше волшебно. Новороденчињата во филмовите немаат воопшто плодова течност на нив како во реалноста.
Сакав да извикам ’Прво исчисти го‘, но успеав да кажам ’Мама те сака‘.
Моите први зборови како мајка беа лага.
Кога пребарав на Гугл зошто не чувствувам љубов кон моето новороденче, открив дека многу жени зборувале за ова.
Сите онлајн текстови што ги најдов за оваа тема ме убедуваа дека не сум сама, но ниту еден не ми помогна да се ослободам од вината, ниту ми го објасни феноменот.
Синчето Џек ми дозволуваше да спијам шест часа навечер, а се будеше многу мирно. Јас се грижев многу добро за него. Тој се развиваше совршено и имав многу поддршка.
Па, зошто се чувствував вака?“