Зошто не треба да го бањате вашето дете секој ден + совети за нега на бебешката кожа
Иако постои верување дека треба да го бањате бебето секој ден, ова не е најдобро за неговата нежна кожа бидејќи ја суши.
Мислењето на родителите е поделено во врска со бањање на новороденчето – некои мислат дека треба да го бањаат секој ден, додека некои сметаат дека е подобро да го бањаат поретко.
Експертите, пак, се согласуваат со второто – не е препорачливо да го бањате бебето секој ден.
Колку често треба да го бањате вашето бебе?
За разлика од возрасните, бебињата не се потат и не можат да се извалкаат толку многу. Што значи, нема потреба да се бањаат секој ден, дури ни во лето.
Покрај тоа, бебешката кожа е многу почувствителна, па честото бањање може многу да ја исуши и да предизвика проблеми.
Најдобро е да се консултирате со вашиот лекар за тоа колку често треба да го бањате вашето бебе, особено ако има какви било проблеми со кожата.
Според експертите, генерално е во ред да го бањате бебето еднаш-двапати неделно во првите месеци од животот, а потоа малку почесто.
На возраст од еден до три месеци доволно е да го бањате бебето најмногу двапати неделно.
На возраст од три до шест месеци можете да го бањате и почесто ако забележите дека вистински ужива во процесот. Но, препорачливо е да не користите шампон повеќе од двапати неделно за да не му ја исушите кожата.
На возраст од шест месеци до една година можно е да има потреба да го бањате бебето почесто. Овој период бебињата се поподвижни и некои почнуваат да јадат и друга храна, па полесно се валкаат. Сепак, и овој период немојте да користите шампон повеќе од двапати неделно.
Неколку совети за бањањето и негувањето на бебешката кожа:
Внимавајте на играчките
Ако вашето бебе има играчка со која си игра додека го бањате, не заборавајте да ја исчистите темелно.
Откако ќе завршите со бањањето, добро исчистете ја играчката и оставете ја целосно да се исуши.
Ако на неа остане влага, може да стане погодна за развој на бактерии кои на следното бањање ќе дојдат во контакт со вашето бебе.
Лосионот за тело не е задолжителен
Пред да почнете да користите лосион за тело на вашето малечко, задолжително консултирајте се со експерт.
Ако го бањате бебето најмногу двапати неделно, можеби и ќе нема потреба од лосион бидејќи кожата нема да му биде сува.
Но сепак, ако добиете дозвола од лекарот, нема да погрешите и ако му ставате лосион.
Притоа секогаш користете лосион наменет за бебиња и немојте да нанесувате многу големо количество.
Обрнете внимание на состојките на шампонот и лосионот
Не само лосионот, туку и шампонот што го користите треба да биде специјално наменет за бебиња.
Препорачливо е да користите продукти кои немаат синтетички бои и парфеми.
Ако не сте сигурни кој бренд е најдобар, консултирајте се со вашиот лекар.
Немојте да му го миете лицето со сапун
Немојте да ставате вода директно на лицето на бебето бидејќи лесно може да му влезе во устата, носот или очите.
Истовремено, немојте да користите сапуни или шампони.
Наместо тоа, само навлажнете крпа, па нежно исчистете му го лицето.
Немојте да му го триете скалпот
Кај некои бебиња на скалпот се појават парчиња кожа кои изгледаат како вид првут. Оваа состојба обично поминува сама за неколку недели или месеци.
Ако ја забележите кај вашето бебе, најпрво разговарајте со лекар кој ќе утврди дали има потреба за некаков третман.
Притоа, немојте никако да го триете скалпот на бебето за да ги отстраните парчињата кожа. Наместо тоа, мијте му ја косата со нежен бебешки шампон.
Доколку проблемот не се повлече, лекарот може да ви препорача да користите масло или други производи. Но, немојте да ги користите пред да се консултирате со него.
Кога да почнете да му ставате крем со заштитен фактор?
Додека бебето не наполни шест месеци, не е препорачливо да му стават крем со заштитен фактор – овој период уште постои ризик да му се појави осип или друга реакција на кремот.
Наместо тоа, кога излегувате надвор ставете му капче и добро скријте му ги лицето и телото од сонце. Секако, не треба да го изнесувате бебето надвор кога е најжешко.
Откако ќе наполни шест месеци, генерално е безбедно да користите крем со заштитен фактор. Но, како и за сè останато, прво разговарајте со вашиот лекар.
Спирова С. | Црнобело