Како да му помогнете на детето да ги засака учењето и пишувањето домашни задачи?
Немојте да го казнувате детето или да го „поткупувате“ со подароци. Ако извади слаб тест бидејќи не учело, ќе мора да се справи со последиците на училиште, а тоа е сосема доволна казна, па дури и мотивација следниот пат да се потруди повеќе.
Иако вам ви е јасно дека образованието е многу важно, за вашето дете, како и сите останати деца, учењето сигурно не е најзабавната активност.
Па, што можете да направите вие како родител за да му го олесните учењето на вашето дете, па дури и да му помогнете да го засака?
Откријте што му создава аверзија кон учењето
Детето може да изгуби мотивација за учење и пишување домашна од безброј причини. Можеби не го разбира материјалот и потребна му е дополнителна помош.
Од друга страна, можеби материјалот е прелесен за него и не му претставува никаков предизвик.
Секое дете е различно, па важно е отворено да разговарате и да дознаете што е проблемот кај вашето дете за полесно да најдете решение.
Нормално, овој разговор треба да биде смирен и детето треба да сe чувствува безбедно за да каже што е она што му пречи.
Помогнете му да се организира
За децата е сосема нормално да бидат неуредни – ги фрлаат тетратките на една страна, учебниците на друга, а не ни знаат каде им е приборот за пишување. А, оваа неуредност секако дека ќе има влијание врз нивниот фокус.
Затоа, помогнете му на вашето дете да си го среди просторот за учење и научете го како да се организира.
Можете да ги следите следниве чекори:
1. Речете му да го среди бирото и да ги извади само предметите што му требаат за учење или пишување домашна.
2. Советувајте го да ги тргне сите работи кои можат да му го одвлечат вниманието, како играчки, смартфон, лаптоп…
3. Проверувајте го одвреме-навреме и помогнете му да си го врати фокусот доколку нешто му го одвлече вниманието. На крај, добро би било вие да ја проверiте домашната или да му речете да ви раскаже што научило – вака ќе воочите дали треба да обрне посебно внимание на нешто.
Фокусирајте се на неговите јаки страни
На некои деца повеќе им оди математика, на други македонски јазик, на трети ликовно… Наместо да му викате на вашето дете бидејќи не е најдобриот математичар во класот, пробајте да ги откриете неговите јаки страни и пофалете го за тоа.
Додека карањето ќе го демотивира вашето дете да го учи и она што навистина му оди, повремените комплименти ќе го мотивираат да се труди повеќе, дури и за предметите кои за него се потешки.
Направете го учењето забавно
Одвреме-навреме пробајте да вметнете забавни елементи во учењето. Или, вметнете го учењето во некоја забавна активност.
На пример, додека детето игра некоја видеоигра, предложете му да проба напамет да решава задачи со множење што вие ќе му ги поставувате.
Дозволете му да се одмори после училиште
Кога ќе се вратите дома по осум часа на работа, сигурно ви е потребен одмор. Истото важи и за вашето дете откако ќе заврши со училиште.
Кога ќе си дојде дома, немојте да го присилувате веднаш да почнува со учење и пишување домашна. Училишните часови сепак создаваат ментален замор и важно е детето да има време да ги наполни батериите ако сакате да има мотивација за учење и домашни.