Како да му помогнете на детето да ги засака учењето и пишувањето домашни задачи?
Не претерувајте со вонучилишни активности
Не заборавајте дека вашето дете сепак е дете и треба да има слободно време за играње и за себе.
Немојте да му го исполните целото слободно време со часови по англиски, програмирање, кошарка и што уште не.
Преоптоварениот распоред не му е од никаква корист на детето и најдобро држете се до една-две вонучилишни активности.
Направете му катче за учење
Прашајте го детето во која просторија се чувствува најудобно и најпродуктивно додека учи, и таму обезбедете му место за тоа.
Ова катче нема потреба да биде во неговата соба – на некои деца повеќе им годи кога има некаква врева околу нив, како на трпезариската маса во кујната.
Во овој случај земете ги предвид потребите на вашето дете, а не она што вие мислите дека е правилно според вашите потреби.
Паузите се задолжителни
Никако немојте да го присилувате детето да учи со часови без пауза.
Денес е докажано дека на нашиот мозок му е потребна пауза на секои 40-тина минути, а на децата на секој половина час. Во спротивно, целото учење ќе биде залудно бидејќи детето ќе има проблеми со фокусот и помнењето.
Па, штом вашето дете ќе забележи дека го губи фокусот, најдобро нека направи кратка пауза од 10-тина минути, па нека продолжи со учење.
Не користете награди и казнување
Немојте да го „поткупувате“ детето да си ја напише домашната ветувајќи му подароци. Исто така, немојте да го казнувате ако не ја напише домашната или ако извади слаб тест.
Дозволете му само да ги сноси последиците од неговото однесување – ако не напише домашна или извади слаб тест бидејќи не учело, веројатно нема да се чувствува најпријатно на училиште и тоа е сосема доволна казна, но и мотивација следниот пат да се потруди повеќе.
Помагајте му
Кога сте во можност, бидете достапни за вашето дете додека учи и пишува домашна. Одвреме-навреме сигурно ќе му треба помош, а вие ќе бидете првата личност од којашто ќе сака да ја побара.
Дури и да немате некое големо знаење за предметот што го учи, можете да му помогнете и заедно да истражувате на интернет.
Покрај тоа, со ова ќе покажете дека го поддржувате вашето дете и дополнително ќе го мотивирате.
Спирова С. | Црнобело