Фрази што не треба да му ги кажувате на детето (за да биде среќно кога ќе порасне)
Немојте да го нарекувате детето „дебелко“ или „слабичко“ или да користите слични зборови кои се како критика за неговиот изглед. Со ова, ќе му ја разнишате самодовербата.
Иако секогаш со најдобри намери, понекогаш родителите знаат да им кажат нешто непромислено на нивните деца.
Проблемот е што за децата, родителите се најважната личност во животот, па сè што ќе слушнат од нив, сфаќаат премногу сериозно.
Ова, пак, може да има огромно влијание врз нивниот развој и врз нив кога ќе пораснат.
Фрази што е најдобро да ги избегнувате:
„Не може бидејќи си момче/девојче“
„Девојчињата си играат со кукли“, „Момчињата си играат со колички“, „Девојчињата треба да седат исправено“, „Момчињата може да прават бељи бидејќи се момчиња“…
Овие и сличните фрази не треба никогаш да ги користите за вашето дете.
Важно е детето да сфати дека машките и женските се рамноправни – и машките можат да бидат добри во кујна, и женските можат да бидат автомеханичари.
И мажите може да седат дома и да се грижат за децата, и жените можат да бидат на моќни позиции и да заработуваат многу повеќе од сопругот.
Ако од најрана возраст го учите детето да ги дели сите работи на машки и женски, ќе му создадете погрешна перцепција за многу нешта.
„Мое дебелко/полничко дете“
Никогаш не треба да го нарекувате детето „дебелко“, „полничко“ или со сличен збор кој всушност делува како критика за неговиот изглед.
Истото ваши и за критики кои укажуваат дека детето е многу слабо.
Со овие зборови ќе му ја разнишате самодовербата на детето и тоа ќе си создаде погрешна слика за неговото тело.
Ова, пак, во иднина може да биде причина и за нарушувања во исхраната.
„Ако имаш лоша оценка, нема да успееш во ништо во животот“
Точно е дека образованието е важно, но не може сите деца да имаат петки по буквално секој предмет.
На некои деца им оди математика, на други англиски, а трети се талентирани уметници.
Наместо да го казнувате детето за лоши оценки, научете го да се труди – редовно да пишува домашни, да ги учи лекциите и да го даде најдоброто од себе.
Не ја одредувајте вредноста на детето според неговите оценки бидејќи може да се претвори во несигурна личност.