Mајчински лексикон: „Шест работи кои би сакала да ги знаев додека бев бремена“
Бременоста и мајчинството, меѓу другото се извор на вредни животни лекции за кои стануваме свесни со одредено временско задоцнување.
Меѓутоа, кога жената за првпат ќе забремени таа сè уште не ги знае тие лекции, и воедно не знае како да се најде во неочекувани ситуации.
За среќа, има и такви мајки кои веќе ги поминале истите предизвици и несебично ги споделуваат своите вредни искуства со другите за да ги подготват новите мајки за некои нови ситуации во кои може да се најдат.
Aмбер Курт, мајка на две дечиња за parentingfromtheheartblog сподели работи што сакала да ги знае кога првпат забременила. Најчестите коментар на нејзината објава се: „Благодарам, ми требаше да го слушнам ова“.
Во продолжение го пренесуваме во целост нејзиното искуство за сите идни мајки, кое можеби ќе помогне во нечие ново животно патување.
Шест работи кои би сакала да ги знаев додека бев бремена:
Ако секоја одлука што ќе ја донесете ја споделите со другите, подгответе се за критика
Кога сте во блажена состојба, луѓето често немаат чувство за граници.
„Носев близнаци, па на мајка ми ѝ го кажав името коешто го планирав за момчето - таа беше воодушевена. Кога ѝ го кажав името планирано за девојчето, одеднаш изгледаше како да е сведок на страшна сообраќајна несреќа“.
За среќа, за брзо дознав дека не морам со секого да го споделувам секој детаљ од мојот план за бременост и раѓање, само затоа што некој ме прашува за тоа. Доколку е потребно, бидете нејасни, избегнувајте прашања или пак најдете безболен начин за да ја блокирајте целата негативност.
Трудничките мачнини и самиот пораѓај не се најголемиот хорор на светот
Да, тие се болни и понекогаш страшни, но обидете се да размислите за крајниот резултат. Имав кошмари за породувањето поради работите што ми ги кажаа другите.
Не дозволувајте да ве плашат толку многу. Едноставно, сето тоа ќе помине, а штом процесот ќе заврши, во вашите раце ќе го имате најсовршеното мало чудо. На крајот, сето тоа се исплати.
Ништо нема да му се случи на вашето бебе ако не направите сè според распоред
„Во првите неколку месеци по породувањето, летав во сите правци за да бебето да функционира според свој распоред.
Сепак, иако распоредот и рутините се прекрасни и корисни на многу начини, тие не треба да управуваат со вашиот живот.
Тогаш никој не се забавува, а и мајчинството треба да биде забавно“.
Во ред е да признаете дека ви треба одмор
„Бременоста ја поминав замислувајќи дека штом ќе се роди моето бебе, ќе станам супер мајка.
Дали воопшто треба да кажам дека тоа не се случи? И се помирив со тоа.
Садовите не мора да се измијат во иста секунда, може да се трупаат алишта, а јас сè уште се држам до политиката 'спиј кога бебето спие'.
Па што? И ние треба да се опуштиме и да оставиме време за себе. Ние сме мајки и тоа е исклучително важно, но сепак сме индивидуи“.
Не дозволувајте некој да ве натера да се чувствувате како лоша мајка, само затоа што правите нешто поразлично од нив
Сите ние носиме одлуки кои се во најдобар интерес на нашето дете. Ако прашате десет родители како да заспиете дете, ќе добиете десет различни одговори. И секој од нив е точен, затоа што секој знае што е најдобро за неговото дете.
Не посакувајте одредени фази да поминат што е можно побрзо
„Го посакував тоа постојано и сега ми е жал што не го прифатив секој момент таков каков што беше.
Будењето четирипати во текот на ноќта не беше воопшто лесно, но да го држите вашето бебе во раце додека владее тишината беше прекрасно. Сега нема враќање“.
Мила М. | Црнобело