„Зајче без опавче“, „Роденден“ – Со стиховите на Васил Куноски растевме ние, а растат и нашите деца
Ниту еден детски роденден не може да помине без песничката „Роденден“, авионите на небото ги поздравуваме со „Авионче бело крило“, а во домот заедно со децата скокаме на „Зајче без опавче“... Да се присетиме на некои од најубавите стихови од македонскиот поет Васил Куноски, автор на првиот Буквар.
Васил Куноски е роден на 20-ти ноември 1916-та година во Дебар, а почина на 13-ти јуни 1993-та година. Зад себе остави богато творештво, а со неговите стихови и денес растат дечињата.
фото: Библиотека
„Ало амбуланта“, „Стани, стани детенце“, „Ав, ав Шарко лае“ – се само некои од стиховите што децата и денес од најмала возраст ги учат и со нив се учат да ги изговорат своите први зборови.
На YouTube е достапен музички колаж од повеќе детски песнички напишани од Васил Куноски, испеани од хорот „Златно славејче“.
Проследете го видеото:
Васил Куноски е автор на првиот македонски Буквар, долги години работел како уредник во редакцијата на „Детска радост“ при НИП Нова Македонија и во Македонска книга. Тој е автор на повеќе книги поезија.
Да се присетиме на некои од неговите стихови:
РОДЕНДЕН
Денес ми е роденден,
гости многу сакам,
ако некој не дојде
ќе ми биде мака.
Торта сама направив
и колачи имам,
денес ми е роденден,
гости цел ден примам.
Ај ве чекам, дојдете,
дојди и ти, Маро,
само, слушај, шепни ми:
носиш ли подарок?
ШАРКО
Ав, ав! - Шарко лае,
лае, не е шега,
кој може да мине
покрај него сега?
Вистина ви велам,
не знае за шега,
кој глас ќе му чуе
- веднаш нека бега!
МИРА РЕЦИТИРА
Слушајте, внимавајте,
настапува Мира,
таа сега песничка
ќе ви рецитира.
- Зошто таа најпрва? -
вели луто Нела.
- Оти ја научила
песничката цела!