„Старомодни” родителски совети кои сѐ уште важат
Сите деца се различни, па затоа постојат разни теории околу воспитувањето и советите кои треба да се прифатат, но и оние кои треба да се отфрлат...
Овие совети кои се пренесуваат од колено на колено треба да ги запомните, бидејќи без разлика на сѐ тие секогаш ќе бидат актуелни:
1. Прво родители, а потоа пријатели
Со вашите деца најпрво треба да бидете родители, а дури потоа да развиете пријателски однос. Со децата секогаш треба да бидете отворени и искрени, но не можете да им кажувате баш сѐ.
2. Не обидувајте се да бидете „совршени”
Наместо да се стремите да бидете совршен родител, започнете да работите на тоа да бидете најдобри што можете. Совршенството не постои и не е возможно да се достигне, а ако се обидете и ја следите својата интуиција ќе успеете да го дадете најдоброто од себе.
3. Љубезност и почит
Основно животно правило е да се однесувате кон другите луѓе онака како што би сакале тие да се однесуваат кон вас. Со децата не е никако поинаку. Воспитувајте ги и учете ги онака како што би сакале вие да бидете воспитани. Бидете љубезни кон нив, почитувајте ги и тие ќе ви возвратат.
4. Покажете со дела
Поставувањето граници е многу важен дел од воспитувањето на децата. Па така, ако им кажете дека ќе ги вратите дома ако не престанат да плачат, навистина направете го тоа. Доколку не покажувате со дела, вашите деца нема да ве сфатат сериозно.
5. Детето мора да стекне сопствено искуство
Немате причина да се нервирате и да се чувствувате виновно доколку детето добило лоша оценка, бидејќи тоа не е ваша вина. Научете го детето само да презема одговорност за своите постапки и да вложи труд во она што го прави.
6. Поддршка меѓу родителите
Многу е важно родителите секогаш да бидат на истата страна и да се сложуваат со одредени одлуки. Без разлика дали детето го воспитувате заеднички или сте разделени, секогаш меѓу вас треба да постои комуникација околу одредени правила и дисциплина.
7. Време за себе
За да бидете најдобар родител, треба да бидете најдобрата верзија од себе. На вашата листа со приоритети вметнете ја и грижата за себе. Фактот што имате деца не значи дека треба целосно да заборавите на сопствените интереси.