„Бев во Кипар, со автобус од Скопје, па со авион од Солун - зошто оваа дестинација ми се допадна?“
„Овој лет, кој траеше 2 часа, ми беше еден од најубавите во животот. Седната покрај прозорецот уживав во неверојатни пејзажи на недогледната морска шир, прошарана со островчиња и полуостровчиња. А кога стигнав во Кипар? Таму ја видов најубавата плажа Ниси во Аја Напа, совршеното шеталиште покрај море во Ларнака, но и суровата поделеност со граница на Кипар на грчки и турски дел, како и градот на духовите... Кипар е вистинско доживување!“
Кипар лично мене никогаш не ми дојде на листата како дестинација за летен одмор, но сега кога сестра ми и една пријателка ми споменаа пролетно патување на Кипар ми изгледаше како совршена идеја – да ја видам оваа земја, а да не го минам летниот одмор таму.
Па, така 3-те полни со ентузијазам да живееме „морски денови“ среде март се наоружавме со трпение да патуваме прво со автобус од Скопје до Солун, па оттаму со авион до Ларнака, Кипар.
Овој лет, кој траеше 2 часа, мора да признаам дека ми беше еден од најубавите во животот.
Седната покрај прозорецот уживав во неверојатни пејзажи на недогледната морска шир, прошарана со островчиња и полуостровчиња.
Сакале да признаеме или не, Грција е прекрасна, а исто и Кипар. И од копно и од небо.
Кипар е островска држава која се наоѓа во источниот дел на Средоземното Море, трета по големина и по населеност на Медитеранот, со местоположба јужно од Турција, западно од Сирија и Либан, северозападно од Израел и Палестина, северно од Египет и југоисточно од Грција.
Брзо се сместивме во еден од многуте хотелски сместувачки капацитети и се упативме кон морето, шетајќи по долгата одлично уредена патека која нè одведе сè до центарот на градот Ларнака.
И мислев дека ќе нема туристи, а таму луѓе од разни земји, најголем дел од нив со потемен тен, слично како и Кипарците. Мислам дека на секој половина час гледав на небото како се приближува по еден авион за да слета на Кипар, во време кога очекував дека ќе биде пусто.
Цените на шеталиштето покрај море се движеа од 5 и пол евра за пита гиро, 12 за растурено гиро, околу 15 евра порција риба, до 4 евра за пиво и од 3 евра (кратко еспресо), па нагоре за кафе.
Плажите уште не беа отворени и иако морето ми годеше, бојата на водата во Ларнака не ме воодушеви, но затоа пак плажата Ниси во градот Аја Напа беше една од најубавите што сум ги видела во животот.
Со преситен песок и вода најтиркизна на свет, плажа на која копното како со тенок песочен насип се спојуваше со мало островче.