Туристички замки што треба да ги избегнувате во Европа, според локалци
Халштат во Австрија, Дубровник во Хрватска, како и замокот на Дракула во Романија, според локалците, се туристички замки направени само за да им ги соберат парите на туристите.
Таканаречените туристички замки се атракции, продавници и слични работи на популарни дестинации чија единствена цел е да ги намамат туристите за да им ги земат парите.
Обично ова се места кои навидум се совршени и не смеат да се пропуштат, но во реалноста се разочарувачки.
Бидејќи е мошне лесно да се падне на овие замки, онлајн можете да најдете безброј совети за како да ги избегнете.
Сепак, тоа не значи дека мора да се согласите, но добро е да видите за што станува збор па сами да одлучите.
На Редит корисниците од Европа споделуваат кои се најголемите туристички замки во нивните држави:
„Ако одите во Хрватска, не трошете време на Дубровник. Оддалеку е убав… но е далеку од убав. Стариот град е хаос од ’кич‘ кафетерии, ресторани и туристички агенции.
Луѓето треба да чекаат во редици за да поминат низ тесните улици бидејќи има многу туристи кои доаѓаат со крузери.
И, тешко е да се видат знаменитостите бидејќи наоколу има безброј луѓе што пробуваат да направат селфи“.
https://www.instagram.com/p/C4WUR7GPMK0/
„Во Лондон избегнувајте го експресниот воз до аеродромот (Heathrow Express). Плаќате многу повеќе, за малку побрзо патување до аеродромот.
Подобро најдете превоз онлајн или замолете да ви организираат од хотелот. Ќе ви најдат многу поевтин превоз“.
„Низ Италија, избегнувајте ги рестораните на големите, популарни плоштади или во близина на познатите туристички атракции.
Исто така, ако менито е на неколку јазици и има фотографии од храната, тоа е уште еден предупредувачки знак.
Ако напред стојат келнери кои ве канат да влезете во ресторанот, тоа е универзален знак дека станува збор за туристичка замка“.
„Халштат, Австрија. Ако сте виделе фотки онлајн, тогаш сте го виделе целиот град. Убав е, но преполн е со туристи и евтини продавници за сувенири.
Има многу други автентични села и езера во тој регион. Можете целосно да го прескокнете Халштат“.
„Кога сте во Париз, немојте да јадете во ресторан покрај позната атракција, како Ајфеловата кула.
Најверојатно ќе ви дадат замрзната храна за многу висока цена. Држете се до рестораните по другите улици и потивките области“.
„Во Шпанија, ако ресторан служи ручек на пладне, најверојатно е туристичка замка. Овде, ние ручаме помеѓу 14:30 и 16:00 часот.
Следете и едноставно правило – гледајте ги локалците. Ако внатре нема ниту еден локалец, избегнувајте го ресторанот“.
„Миконос и Санторини се туристички замки во форма на острови. Грција е преполна со убави острови.
Не мора да потрошите богатство за да одите на Санторини и Миконос кога има буквално илјадници други острови кои се исто убави, поевтини и речиси без туристи“.