Спиење во капсула, вечера во ресторан каде служат роботи: Србинка докажува дека Јапонија е друг универзум
„Jaпонија е свет за себе... Спиев една ноќ во капсула и мислам дека подолго не би можела. Вечерата во ресторан со роботи беше интересна, сѐ до мигот кога нашиот келнер не сакаше да се изгаси“ – Србинката Јована Квржиќ ги споделува своите искуства од посетата на Токио.
Српската блогерка Јована Квржиќ, 17 дена престојуваше во Токио, Јапонија, а оттаму, на својот Инстаграм профил сподели фотографии и видеа од незаборавните искуства што имала можност за првпат да ги доживее во животот.
Како што самата вели, таа и нејзиниот сопатник имале можност да пијат кафе со Годзила на 8-иот кат од хотелот во Шинџуку и го платиле најскапо во животот – по 10 евра, појадувале на рибен пазар, играле разни ретро видео игри во делот од градот што се нарекува Акихабара...
Како посебни искуства за кои сподели и засебни видеа се спиењето во капсули во хостел и вечерата во ресторан каде што целосно ве послужуваат роботи.
Како што вели, хостелите со капсули настанале од потребата луѓето да се одморат по работното време.
„Денес сѐ повеќе туристи ги бираат како поевтина опција за ноќевање. Ние останавме само една ноќ и не знам дали затоа што сум повозрасна, но мислам дека подолго не би можела да останам.
Не заради неудобноста, креветите во капсулите се поголеми отколку што очекував и капуслите се поголеми и сѐ е многу чисто, но освен телефон и можеби некоја мала торба не можете да внесете во собата и тоалетите се целосно одвоени“ – вели таа.
Инаку, Јована споделува дека пред да влезе во капсулата на рецепцијата добила пижами и средства за лична хигиена, а сите лични работи треба да се остават во кабина пред капсулите.
Машките и женските капсули се целосно одвоени, а едно ноќевање во нив чини околу 40 евра.
Уште едно од видеата на Јована што привлече внимание е од вечерата во ресторан каде служат роботи, и каде што можете да јадете без да имате каков било контакт со луѓе.
Секоја маса има свој келнер – робот којшто е контролиран од луѓе, а секој од роботите има своја функција. Едни служат за да ја примат нарачката, други да ви ја достават храната, а трети наплатуваат. Цените на оброците се од 10 до 20 евра.
„Сѐ уште ми е потребно време да го формирам мислењето за ова, но секако тоа беше несекојдневно и интересно искуство сѐ до оној миг кога нашиот ‘келнер’ не сакаше да се изгаси. Тогаш нѐ фати паника“ – раскажува Јована.
Јована ја заврши посетата на Јапонија, а за крај изведе неколку заклучоци за сите оние што го следат нејзиниот Инстаграм профил, а кои би сакале некогаш да ја посетат Јапонија.
„Ова е свет за себе и не е свет што може секому да му легне. Прво и мене не ми легна на почетокот, а толку многу му се радував, Јапонија ми беше на листата на желби целиот живот.
Меѓутоа сега кога ќе погледнам на ова 17-дневно патување и сѐ што доживеавме, тоа беше многу интересно и сигурна сум дека повторно ќе се вратам затоа што има уште многу да се истражи. Од Јапонците научивме многу, иако се толку различни, дисциплината и вредностите што ги негуваат не се гледаат секаде“ – напиша Јована.