Забрана за пушење на плажа, казни за бучава - Шпанија од летово со нови правила за некултурните туристи
При резервација задолжително се остава број на картичка, од каде ќе бидат повлечени пари доколку не се појавите, некои плажи имаат строги забрани за пушење, а во Аликанте може да платите казна доколку зборувате многу гласно. Како Шпанија ќе се справува со некултурните туристи, почнувајќи од лето 2023?
Шпанија е една од омилените летни туристички дестинации, но на барање на локалното население земјата воведе голем број нови правила и закони коишто ќе важат за туристите од ова лето 2023.
Британскиот медиум Metro направи листа на нови забрани што од ова лето ќе важат за сите туристи што планираат да ја посетат Шпанија и на кои правила треба да внимаваат.
На кои работи ќе треба особено да внимавате доколку планирате летниот одмор да го поминете таму или да отпатувате на неколку дена?
Казни за нелиценцирани и луди забави
Оние што сакаат да одат на забави и журки најчесто избираат летниот одмор да го поминат на Мајорка и Ибица, местата што се познати по тоа.
Но, од ова лето, властите стануваат многу поригорозни за сите нелиценцирани и „луди“ забави, па секој што ќе биде фатен како организира забава, како и оние што ќе присуствуваат на таква забава може да платат казна до 25.000 евра.
Бучава
Аликанте воведува високи казни за сите оние што прават преголема бучава.
Со казни од 600 до 30.000 евра ќе се казнуваат слушањето гласна музика на плажа, гласното влечење на столчињата на руфтоп баровите, а може да бидете санкционирани дури и ако зборувате премногу гласно на плажа.
Откажани резервации
Еден ресторан на Мајорка нашол соодветен начин да се справи со туристите што резервираат маса, а потоа не се појавуваат, а се очекува ова правило да го воведат и голем број други ресторани во Шпанија.
Така, отсега од клиентите се бара при резервација задолжително да остават број на кредитна картичка и доколку гостите не се појават, од нивната сметка ќе бидат одземени околу 20 отсто од цената што ресторанот проценува дека би можеле да ја направат.
Правила за одобрување на престој
За да може да ја посетат Шпанија, туристите што доаѓаат од земји што не се во Европската Унија, ќе мора да докажат дека веќе резервирале сместување, дека имаат повратен билет или билет за следното патување што го планираат.
Со новите измени на законите, туристите ќе треба да докажат дека имаат доволно пари на сметката за да можат да престојуваат во земјата, односно властите бараат да имате по 100 евра за секој ден од престојот и дополнителни 900 евра.
За седумдневен престој ќе ви требаат околу 1.600 евра на сметката.
Точно одреден број на алкохолни пијалаци
За да се спречи неконтролираното консумирање алкохол, дел од туристичките места во земјата ќе го ограничат бројот на алкохолни пијалаци што една личност смее да го нарача.
Така на Ибица се дозволени вкупно 6 пијалаци, од кои 3 е дозволено да ги испиете за време на ручек, а 3 за време на вечерата.
Забрана за пушење
Пушењето цигари е штетно за здравјето и ја загадува животната средина. Шпанските власти, со цел да се справат со огромниот број опушоци што завршуваат на песочните плажи, воведуваат забрана за пушење.
Така, над 30 плажи на територијата на цела земја воведуваат такви забрани, а казните за оние што нема да ги почитуваат се големи.
За да бидете сигурни, задолжително проверете дали на плажата има банер или знак дека пушењето не е дозволено.
Со оглед на големиот број казни и промени, добро е пред да одите на некое место во Шпанија, добро да се информирате какви закони важат за тоа конкретно место, за да не дојде до несакани ситуации.
Б. С. Б. | Црнобело