Кендал Џенер нема конкуренција: Кои се најплатените модели во светот?
Иако ретко прифаќа ангажмани, младата ѕвезда на реалното шоу и годинава е неприкосновена кралица кога се хонорарите во прашање.
Forbes го објави списокот за најплатени модели во годината што завршува, а на првото место се најде истата личност од лани. Станува збор за убавицата Кендал Џенер (23), која според извештајот на деловниот магазин, изминатите месеци станала побогата за вртоглави 22.5 милиони долари. Второпласирана е русокосата Карли Клос, додека третата позиција ја делат Криси Тајген и Роузи Хантигтон-Вајтли.
Иако одбиваше да работи по секоја цена, па ретко чекореше на модните писти во 2018 година, славната членка на семејството Кардашијан си обезбеди големи пари со учество во кампањите на познати брендови, како што се Lauder, Adidas и Calvin Klein. Поради селективниот пристап се најде и на удар од останатите манекенки.
Во интервју за споменатото списание, Кендал Џенер неодамна даде изјава, со која делумно ги омаловажи и потцени своите колешки. Многумина ја доживеаа како навреда за нивниот труд, ама сеедно ги престигна и одново заработи двапати повеќе од сите лути ривалки.
„Од почеток сум мошне пребирлива околу ангажманите што ќе ги прифатам. Никогаш не сум била една од оние девојки кои ќе одработат по 30 ревии во сезона. Или што и да прават – немам поим. Јас имав милион проекти, а не само ревии. Ваквата комбинација многу ме умори и морав малку да подзастанам, бидејќи се најдов на работ од нервен слом.“
Ќе ѝ ја преземат ли круната во блиска иднина? Ова се моментално десетте најплатени модели во светот:
1. Кендал Џенер (22.5 милиони долари)
2. Карли Клос (13 милиони долари)
3. Криси Тајген (11.5 милиони долари)
4. Роузи Хантингтон-Вајтли (11.5 милиони долари)
5. Кара Делевињ (10 милиони долари)
6. Жизел Бундшен (10 милиони долари)
7. Џиџи Хадид (9.5 милиони долари)
8. Бела Хадид (8.5 милиони долари)
9. Џоан Смолс (8.5 милиони долари)
10. Дауцен Крус (8 милиони долари)
М. А. | Црнобело