Уметнички перформанс и две впечатливи ревии на затвoрањето на Shtip Fashion Days 2024 (фото)
Со две одлични ревии во старата фабрика за џинс „Македонка“ во Штип, вчеравечер заврши првиот моден настан Shtip Fashion Days.
Изминатите три дена градот Штип беше домаќин на најголемиот моден настан кај нас - Shtip Fashion Days 2024.
По трите успешни ревии на отворањето и трите ревии на познати текстилни компании од Штип на втората вечер, синоќа (02.10) се одржаа уште две одлични ревии.
За последната вечер своите креации ги претставија студентите од Технолошко - технички факултет од штипскиот Универзитет, како и новата колекција на модниот бренд „Сербез“.
На првата ревија, пистата стана сцена, а актерките од Штипскиот народен театар, Елена Шорова-Дербов и Марија Минчева-Андонов создадоа уметнички перформанси за да го дополнат визуелниот впечаток на ревијата на студентите од Технолошко - технички факултет.
Додека манекенките дефилираа на пистата во уникатно дизајнирани капути со гоблени, модел во црн фустан тивко везеше на сцената.
Ревијата заврши кога моделот што везеше го облече своето везено палто, симболизирајќи дека везењето не е запоставено во минатото.
Оваа женска колекција прикажа 12 капути со интегрирани гоблени и е симбол на љубовта кон нашите предци.
Истовремено, испрати порака да се „чуваат семејните вредности извезени со многу љубов и да се пренесат на идните поколенија“.
Студентите работеа под менторство на м-р Ванѓа Димитријева-Кузманоска, а нивните уникатни капути предизвикаа воодушевување нај гостите на ревијата, па беа испратени со силен аплауз.
На втората ревија беше претставена новата колекција на модниот бренд „Сербез“.
На почетокот на ревијата, претворена во вистински моден перформанс, 10 манекенки излегоа од маглата на сцената, застанати во впечатливи драматични пози, а на екранот зад нив беше испишан текст со силна порака.
Новите модели на „Сербез“ се инспирирани од жени кои оставиле трага во минатото.
Колекцијата „Реинкарнација 2024” е изработена во соработка со уметничото атеље „Колорис“ чии членови насликаа „Слобода“, „Смелост“ и „Самодоверба“ на кошулите.
Организаторот на Shtip Fashion Days уште еднаш истакна дека во фокусот на првото издание на модниот настан е градот Штип и нивната текстилна индустрија и дизајнери, а дека од следното издание ќе се насочат на модата и модната индустрија од целата земја.
Shtip Fashion Days беше во организација на Општина Штип, во соработка со тим од вистински креативци: Вишна Шорова - Ангелова, Маја Кикириткова, Никола Патраклиски, Изабела Монева - Николовска, Александар Арсовски и Љубан Стамениќ, Елена Шорова-Дербов и Марија Минчева - Андонов.