Тој ми ја врати вербата која ти ја уништи
Растев со солзи. Не знаев како е да бидеш пречекана дома со насмевка, да дојдеш затрчана и да се фрлиш во прегратката на родителите, да знаеш дека се ќе биде во ред, бидејќи никогаш не беше. Секогаш одново и одново истото повишување на тонот и истите кавги, секојдневно, непрестајно ми ѕвонеа нивните гласови во главата.
Дадовме сè што можевме, јас и сестра ми за да те насмееме, за да ве смириме, за да ве натераме да посакате да бидеме семејство, за конечно да имаме среќен ручек на трпезата.За да бидеме она што сите нормални беа, семејство.
Не знам дали се сеќаваш кога те испраќавме, туркајќи ги куферите со огромни насмевки, додека ти заминуваше на твоето „патување од работа”, тоа го направивме со неизмерна радост, мислејќи дека ќе се вратиш поскоро. Но, ти никогаш не се врати.
Дури и денес кога ќе се задлабочам во мислите се потсетувам и се прашувам како ќе беше да знаев за љубов додека растев, да ме погледнеше во очи и да ми кажеше дека ја сакаш неа, дека ме сакаш мене.
Не знам кој беше проблемот за да ни го изрежираш одвратниот филм во кој живеевме и на крај да си заминеш, оставајќи не сами кон никаде. Се прашувам што требаше да направиме за да ја заслужиме твојата љубов која не беше бесплатна?
Долго време ги лечевме тие рани, трите ние, јас, мајка ми и сестра ми. Знаеш кога животот ќе те третира тој начин ќе си помислиш дека никогаш нема да го живееш она нормалното, ќе се помириш дека и твојот живот ќе биде сличен, дека и ти ќе најдеш сопруг со кој ќе ги преживеете истите работи. Дека твоето семејство ќе се распадне на сличен начин.
Ја изгубив вербата во семесјтвото, во љубовта, во бракот во луѓето, во мажите, а бев премала за да сфатам било што од тоа, но сепак ја изгубив уште пред да ја запознаам. Но, тебе не ти беше гајле нели, бидејќи ти се грижеше само за самиот себе.
После сè што преживеавме денес ти ме сретна, после толку години, не знам ни зошто воопшто си дошол тука. Ги виде нив две, го виде и него, како јас ги држев за рака и како тој мене ме држеше за рака.
Да, да знаеш успеав, најдов баланс, оној за кој мислев дека не постои благодарение на тебе. Тој никогаш не вика со сочни пцовки на мене, никогаш не ги понижува моите ќерки и има многу љубов, љубов која ги излечи сите рани во мене. Оние кои ти ги создаваше, терајќи ме да се чувствувам бескорисна. Тој за разлика од тебе, знае да сака.
Ако се чудиш зошто ја завртив главата и си отидов без да ти прозборам, дозволи ми да ти кажам дека така ти ме остави на истиот начин, кога јас трагав по љубов и кога ми требаше најмногу, ти го заврти грбот и си отиде. Ти простив, немој да мислиш дека сум лута, само сега кога конечно најдов хармонија не сакам да се вратиш за одново сè да уништиш.
Не се обидувај да поправиш работи кои не се поправаат, јас успеав да ја вратам вербата благодарение на човекот што е крај мене, кој е вистински маж, одличен татко, за разлика од тебе.
Ми требаше многу време за тоа, не ме терај пак да ја изгубам, немој татко, ако воопшто заслужуваш така да те наречам.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело