Дали ти кажав дека ќе те сакам вечно?
Дали може да ги затвориш очите, да ги испружиш рацете, да се потпреш на мене и да го почувствуваш ветрот кој ја милува твојата коса?
Дали можеш да ја почувствуваш свежината на чистиот планински воздух и да не мислиш на ништо друго, освен да ја оставиш твојата душа да се изгуби во хоризонтот со гласното гракање на гавранот кој полека се губи во далечината?
Да се потпреш на мене и да ми веруваш за со затворени очи да го изиграме тангото на љубовта?
Збор по збор, допир по допир, тело на тело, јас, ти, сонцето кое пече и студеното време кое полека го смрзнува секој дел од нашите кревки тела...
Изгубени во сонот, додека јавето полека ја уништува секоја скриена желба, јас и ти на височинката на ридот во љубовен занес, без страв дека ќе бидеме откриени.
Дали ти кажав дека вечно ќе те сакам?
Ме гледаш со неверување и се чудиш како може еден маж да даде такво ветување, бидејќи по сите стереотипи ние сме оние расипници кои трагаат по женски тела желни за секс за една вечер.
Нешто не ти е јасно и само се смееш како будалетинка, иако смрзнуваш, не сакаш да престане нашата луда авантура.
Ме гледаш во очите и го спушташ погледот од срам, сакаш да кажеш нешто, но како да се плашиш што ќе биде потоа, ме допираш по главата, преку вратот кон интимните делови, сакаш да бидеш лоша од време на време.
Велиш „Те сакам, ама искрено, онака најискрено како што никого не сум сакала“.
Мене ми застанува срцето, ми замрзнува крвта, не од студот, од зборовите кои полека ме сечат во стомакот и дозволуваат сите пеперутки да одлетаат однатре. Ги оттргнуваш сите стеги и ме правиш да се чувствувам ослободено.
Во тој момент ти го градиш домот кој јас со години попусто се обидував да го изградам.
Со тие зборови ти ја запечатуваш мојата судбина и редиш жиг на мене кој би го носел со гордост, со години додека не го напуштам овој земен свет. Те земам во прегратка додека двајцата се тресеме на студот.
Неколку искрени погледи пуштаме еден кон друг и без да знаеме дека сме ја откриле среќата замижуваме за да се спојат усните и да настане одново тоа губење, да се исклучам од сите реалности и да заборавам на сите проблеми.
Крај тебе јас наоѓам нешто што мислев дека не постои.
Ти со сите твои малечки, слатки манири одново го создаде мојот живот, живот кој мислев дека е измислен во бајките за да ги тера луѓето да копнеат. Ти си еликсирот, мојата тајна за да живеам вечно.
Ти!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело