Да имав повеќе храброст, тоа девојче со очи како твоите ќе ми речеше тато
Набрзина излегувам од продавницата и несмасно се борам со 15 кеси во рацете.
Одеднаш го слушам моето име, мозокот ми е побрз од погледот и го регистрира идентитетот на оној кој ме повикува.
Знам дека тоа си ти.
Уште пред да го кренам погледот, знам дека ти стоиш непосредно пред мене.
Ти го познавам гласот, секоја пукнатина во гласните жици пред да заплачеш, рапавоста кога се обидуваш да соопштиш нешто сериозно, мекоста како кога ми кажуваше колку ти значам.
Бавно и полека го одлепувам погледот од земјата нагоре. Го одложувам страдањето на некоја секунда подолго.
Бидејќи кога те гледам е токму тоа – страдање од неколку минути, кое се пролонгира во неколкугодишна постојана болка.
Ти ме потсетуваш на тоа дека бев кукавица, дека не ја прегрнав сопствената среќа, дека те изгубив некаде во мракот.
Продолжив да талкам долго откако тебе те снема, осамен, не сфаќајќи сè уште колку сум тажен и проклет.
Како самиот си бев обвинител и судија и си пресудив.
Си пресудив да бидам без тебе, сам.
Понекогаш се тешам, па добро што се разделивме. Секако можеби немаше да те усреќам. Секако ти е подобро без мене.
Но, знам дека тоа е лага. Секако дека ќе те усреќев, ако бев доволно храбар.
Ќе те љубев и во пости и пред гости, само да ме сакаш, како што прочитав во една песна.
Ти одговарам механички на сите куртоазни прашања, додека ти го студирам лицето, перчињата од косата и насмевката, иако ги знам напамет сите твои црти.
Те прашувам како си и тогаш вистински се вклучувам во разговорот.
„Пааа, добро сум“, ги развлекуваш зборовите со мала болка и чувствувам колебање за миг во сигурноста на твојот одговор.
Тогаш ми доаѓа да те грабнам и да избегаме некаде. Некаде далеку, каде што никој не нè познава.
Да започнеме од почеток, со празни страници во нова тетратка.
Да те љубам, да те обожувам, да ти ги бакнувам пегите на лицето, да ти ги масирам стапалата, да се смеам на твоите неуспешни вицеви, да ти речам дека пееш супер, кога звучиш како раштиман оркестар.
„Мамо, ајде“. Малечко со идентични очи како твоите џамлии те влече за ракавот.
Ме штрекнува, ме враќа во реалноста. Си мавтаме за чао.
Ми стигнува порака на телефонот.
„Каде си, доцна е“...
Да. Навистина, веќе е многу доцна.
(О)Милена | Црнобело