Блиски на далечина
Ти пишувам, изгубен низ редовите испишани со мастило и пламените букви кои горат во моето срце. Со болка предизвикана од судбината која нè раздели и расте со секој изминат ден, сè повеќе и повеќе. Со копнеж кој никогаш не исчезнува и постојано ме обзема.
Непрестајно сонувам со отворени очи, со мисли кои ме водат на мистични места, но попусто, тоа е само илузија. Изопачена вистина на мојата сурова реалност. Пробувам да најдам зборови за да ти кажам колку ми недостигаш, ми недостига мирисот на нашата љубов, болката на нашиот занес и хармонијата создадена од нашите голи тела, ми недостигаш ти.
Секоја ноќ е празна, а постелата студена и одбивна за моето јадро, машко тело, ми недостига твојата топлина и твојата страст која пламнува во ноќите. Ми недостига зборот ние.
Деновите тешко ми поминуваат, а во мојата потсвест постојано се повторуваат сликите од нашата последна средба и нашите солзи како последно збогување. Таму си, а јас тука со желба која го нарушува секој мој биолошки процес.
Секојдневно барам причина да побегнам од светот за да можам да ја креирам нашата повторна средба во мислите, начинот на кој ќе се сретнеме и поздравиме. Моментот кога повторно ќе се сретнат погледите и ќе се создаде магијата наречена љубов, постојано копнеам. Твојот љубовен отров е опиум кој го консумирам при секое мое вдишување и издишување. Ти си музата која го создава и уништува светот, кралица на моето изгубено кралство.
Штом ги затворам очите таму си, во моите безобразни мечтаења, легната врз црвените рози постелени на една мека постела. Ме повикуваш со воздишки од кои запира чукањето на моето срце, како тогаш, како првиот пат кога станавме едно. Ме галиш и ми ги затвораш очите, ја чувствувам топлината на твоето тело и болката која вика земи ме. Те растргнувам по нашиот љубовен ринг, бесрамно и болно, со надеж дека моето семе ќе заврши во твојата утроба.
Живеам за твоето кревко тело, твојата желба и болка непрестана, твојот врисок на љубовта и твоите заби длабоко зариени во мојата кожа.
Се губам во тој свет на илузии посакувајќи да не си само призрак, туку реалност која го остварува мојот сон.
Посакувам часовите, деновите, годините да поминат, да се спојат во едно и одеднаш да исчезнат, за целиот тој сон да стане мое јаве. Посакувам да најдам начин да бидам до тебе, но не можам, ми остануваат само твоите писма со зборови кои се скрипта за моите замислени средби.
Горам со секој кажан збор, со секоја линија од оваа исповед на болката.
Ми требаш, додека сите спијат. Се надевам ќе размислиш за нашата повторна средба, средба во соништата. Тоа е она што можеме да го имаме и негуваме и те чекам таму, после спојувањето на стрелките, во ноќта додека демоните беснеат. Таму јас и ти ќе се соединиме како небото и земјата при бура. Таму ти ќе бидеш мој излез кон она што се нарекува подобар свет, а јас твои крилја со кои ќе полеташ.
Таму ќе станеме едно. Јас и ти.
Н. Буџак | Црнобело