Никогаш не ми дозволи да се заљубам во тебе
Многу често се трудам да те избегнам, да те избришам од мислите. Се трудам да мислам на оние пред тебе или по тебе.
За нив пишувам песни, приказни, фантазии. Се обидувам да те ставам само во фуснотите, некаде долу за да не те гледам, да не те мислам. Но, секогаш те наоѓам во најситните делчиња на кои повремено се кршам.
Сакам да те видам, да те слушнам, да ти пишам, но се воздржувам. Немам веќе право на тоа. Мислев дека секогаш ќе бидеш тука, со подадени раце, но не беше.
Мислев дека е тоа – тоа, мислев дека ти си тој. Ние се разбиравме на некој посебен начин. Имаше темнина во тебе која јас ја гледав и не се плашев, туку ја чувствував исто.
Кога ќе ме бакнеше сета темнина се осветлуваше. Кога зборувавме за сите стравови, надежи и копнежи, гледав нешто многу поголемо. Знаев дека никогаш нема да биде совршено, никогаш нема да биде како пред да се изгубиме, но знаев дека може да имаме нешто посебно и тоа ми беше доволно.
Во најтешките моменти, кога ми се навраќаше сликата како заминуваш кај неа, единствената утеха ми е дека мора таа да те прави среќен.
Тоа си го кажувам секојпат кога не можам да заспијам. Но ме прогонува мислата дека не беше нашето вистинско раскинување. Барем не за мене. Не беше крај кога замина. Можеби и сè уште не е.
Всушност јас никогаш не успеав да те засакам целосно. Бев ногу блиску, стоев пред вратата која ти требаше да ми ја отвориш, наместо да си заминеш. Но, ти никогаш не ми дозволи да се заљубам во тебе.
Твоето име сè уште ми создава болка во стомакот. Кога ќе се сетам на твојот лик сè уште ми се појавуваат прашања со „Што ако...?“
Има толку многу неискажани работи меѓу нас. Работи за кои ти никогаш не ме праша и работи за кои јас никогаш не бев доволно храбра да ти ги кажам.
Затоа сега ќе ти ги кажам!
Сакав да те сакам. Гледав кој си и каков си. Ги гледав и оние делови во тебе кои ти се плашеше да ми ги покажеш, а јас ги сакав сè повеќе. Ти направи работи кои јас сè уште не можам да ги разберам. Но и сега, по сето поминато време, чувствувам дека само ти ги разбираш некои делови во мене.
Ме виде во најтемно и најлошо светло и сè уште ме разбираше. Но замина.
Таа сигурно те прави среќен. И јас сум благодарна за тоа. Колку и да се трудев да те мразам, никогаш не успевав. Сакав да бидеш среќен. Дури и кога поради тоа ме оставаше сама. Мислев на тебе и на тоа како си среќен. Тогаш бев среќна и замислував дека сум на нејзино место повторно. Но, знам дека тоа нема да се случи.
Но во едно сум сигурна: Ти ме промени. Ти си оној кој се трудев со сите сили да го заборавам, но пак ме пронајде.
Она што се случи меѓу нас е длабоко врежано. Сега знам дека ти не си само фуснота во книгата на мојот живот, туку најважниот потцртан дел во неа, иако никогаш не ми дозволи вистински да се заљубам до крај.