Луѓе споделуваат искуства за брак и врски без секс: „Поминаа три години откако бевме интимни“
„Јас сум во врска без секс и навистина не знам што да правам. Поминаа три години откако последен пат имавме секс. Ја сакам и нема да ја оставам, но ми недостасува топлината“.
Низ годините, сосема нормално е да се случат промени во либидото, па да имате помалку секс со партнерот.
Во некои случаи, партнерите и целосно престануваат да имаат секс - некогаш поради болести, некогаш поради други проблеми.
Додека многумина мислат дека врските без секс се осудени на пропаст, многумина не се жалат.
На Редит, неколку корисници откриваат како изгледа врската или бракот без секс:
„Со години сум во брак кој некогаш е без секс од разни причини. Сега моето либидо е намалено и никогаш немам целосна ерекција.
Но, во нашиот брак отсекогаш имало заемна почит, љубов и интимност. Сексот е многу важен за некои луѓе, а помалку важен за други“.
„Јас и сопругата немаме секс често, но таа ми е најдобриот пријател. Ако се разделиме, ќе го изгубам пријателот, а тоа не вреди. 15-годишното пријателство, шегите, сеќавањата и некој со кого можам да гледам лоши хорор-филмови - сето ова е бесценето“.
„Не би рекла дека воопшто немаме секс, но сме блиску до тоа. Во 2023-та сме имале секс само еднаш. Не сме несреќни – имаме три деца, работиме во различни смени, но пробуваме да се снајдеме. Никогаш немаме приватност и немаме кој друг да се грижи за нашите деца.
Минуваме многу време заедно по работа и за викенди. Дали сакаме да имаме повеќе секс? Секако. Но, само сме трпеливи додека да пораснат децата“.
„Јас сум во врска без секс и навистина не знам што да правам. Поминаа веќе три години откако последен пат имавме секс, а сè започна кога девојката си го скрши грбот. Имаше многу операции кои не ѝ помогнаа. Го изгуби интересот за каква било интимност и не можам да ја обвинам, но што ќе биде со мене?
Не планирав вака да го поминам животот. Ја сакам и нема да ја оставам. Но, ми недостасува топлината“.
„Со сопругот сме заедно 15 години, а речиси и да немаме секс изминативе неколку. Отсекогаш сум имала ниско либидо, па не ми се случила некоја голема промена. Но, со сопругот сме поминале низ многу работи.
Тој е мојот најдобар пријател и остана покрај мене во најлошите мигови. Се сакаме и поддржуваме, а тоа е поважно од повремениот секс“.
„Мојата сопруга беше во инвалидска количка повеќе од четири години, јас останав со неа. Нашиот брак не беше заснован на секс. Ако живееше подолго, не би променил ништо. До денес ја сакам и ми недостасува“.
„Повеќе од 20 години сум во врска без секс. Останав со неа бидејќи ја сакам повеќе од сè на светот, но ова ме уништи и направи сериозна штета на нашата врска. Ми ја уништи самодовербата и способноста да уживам во сексот.
Уште се сакаме, но повеќе сме како најдобри пријатели или цимери, отколку љубовници“.
„Ретко имаме секс и на една рака можам да избројам колкупати сопругата иницирала секс. Многупати ја имам замолено да разговара со лекар или професионалец бидејќи ова има негативно влијание врз нашата врска. Но, таа не е заинтересирана за никакво сексуално задоволство, дури ни мастурбација.
Ова е товар за мене. Но, останувам со неа бидејќи дадов ветување кога се венчавме. Само се молам секој ден дека ќе си го промени мислењето и ќе разговара со некого“.
Спирова С. | Црнобело