8 грешки со кои си ја уништувате врската (и можат да доведат до неверство)
Ако само си ја префрлате вината еден со друг, ако сте емоционално затворени и ако криете тајни, многу е веројатно едниот од вас да побара утеха кај друга личност. Што значи, врската е осудена на пропаст.
Не постои брак или врска без проблеми. Но, кога сме со вистинската личност, пробуваме да ги решиме овие проблеми и да продолжиме понатаму.
Сепак, во некои ситуации партнерите се тврдоглави, само го влошуваат проблемот и неретко сето ова кулминира со барање утеха кај некој друг, односно неверство.
Кои се грешките со кои си ја уништувате врската?
Очекувате да си ги читате мислите
Кога сте долго во врска и знаете сè еден за друг, лесно е да почнете да очекувате партнерот да може да ви ги чита мислите.
Односно, не му кажувате што сакате или кога има некој проблем, а очекувате тој да знае.
Ова никогаш нема да се случи, и ако се однесувате вака, само ќе се оддалечите.
Се обвинувате еден со друг и не признавате вина
Сите грешиме, па невозможно е вие секогаш да бидете во право, а партнерот да биде виновен за сè, или обратно.
Кога ќе направите грешка, без разлика дали вие или партнерот, признајте си ја вината и извинете се.
Префрлањето вина нема да биде од никаква корист и само ќе создаде револт кој може да води и до неверство.
Не слушате
Кога разговарате со партнерот, дали навистина слушате што ви зборува или само чекате да ви дојде ред вие да го кажете своето?
Ако не се слушате еден со друг, ако не обрнувате внимание на она што го кажувате, ќе настанат сериозни проблеми со комуникацијата.
Не си дозволувате да созреете
Со текот на времето, сите се менуваме и ова е всушност добро. Учиме од грешките, созреваме и стануваме подобри личности.
Но, ако со партнерот не си дозволувате да созреете, ако не се поддржувате кога сакате да направите позитивна промена, врската нема да трае долго.
Не сте искрени
Без доверба, ниту една врска не може да опстане. А, за да ја стекнете меѓусебната доверба со партнерот, треба да бидете искрени.
Ако чувате тајни од партнерот, ако дозволите да се разниша довербата во врската, ништо чудно да дојде и до неверство.
Емоционално сте затворени
Никогаш не треба да ги криете чувствата од партнерот, ниту да ги игнорирате неговите.
Неретко, токму емоционалната затвореност ги тера луѓето да побараат утеха кај некој друг, а не партнерот.
Не одите на состаноци
Не е важно дали живеете заедно и се гледате секој ден – мора да одите и на состаноци.
Пробајте барем еднаш неделно да одвоите вечер која ќе си ја посветите само на вас двајцата.
Ова може да биде и во вашиот дом, но додека трае состанокот, не дозволувајте никој и ништо да ви го одвлекува вниманието од тоа.
Лесно се откажувате
Некогаш е потребна огромна сила за да се справите со проблемите во врската или бракот.
Во ваквите ситуации, многу е веројатно да помислите да се откажете – да престанете да работите на проблемите и да ги игнорирате.
Ако знаете дека сте со вистинскиот партнер, немојте да се откажувате така лесно.
Спирова С. | Црнобело