Кога амбицијата станува токсична – Знаци дека вашите цели само ви штетат
Неретко ги користиме зборовите амбиција и аспирација како да имаат исто значење, но помеѓу нив постои мала разлика.
Обично, аспирацијата може да се толкува како желба или стремеж кон нешто, без разлика колку е мало, додека амбицијата повеќе значи желба за слава или поголема моќ.
Токму поради ова, желбата за моќ, односно амбицијата, лесно може да стане токсична.
Нормално, нема ништо лошо во тоа да сонувате големо, но важно е да препознаете кога овие соништа повеќе ви прават штета отколку што ви користат.
Постојат неколку знаци што го покажуваат тоа:
Не можете да уживате во сегашниот момент
Ако никогаш не сте задоволни од вашата сегашност и секогаш нетрпеливо ја очекувате подобрата иднина, заборавате нешто многу важно – вашиот живот минува, додека вие постојано работите на идните планови.
Во ред е да планирате однапред, но ако целиот ваш фокус е на тоа, никогаш нема да бидете задоволни. Секојпат кога ќе постигнете нешто, нема да можете да уживате во тоа. Веднаш ќе почнете да ја барате следната голема цел и успехот нема да ви значи ништо.
Дестинацијата ви е поважна од патувањето
Ако се фокусирате само на резултатот и не обрнувате внимание на искуствата кои ќе ве однесат до целта, нема да се чувствувате среќно.
Без разлика која е вашата цел, многу е важно кој пат сте го изоделе дотаму. Овие искуства ќе ве научат на многу и ако им обрнете внимание, можат да ви бидат и подраги од постигнатата цел.
Постојано брзате
Дали постојано брзате да го постигнете она што сакате? Во овој случај, веројатно сметате дека е потребно многу време за да видите некаков резултат, а поради тоа, постојано сте во состојба на нетрпеливост.
Ова, пак, само ви создава дополнителен стрес, од кој немате никаква корист.
Имајте на ум дека за повеќето големи цели е потребно време. Не давајте си невозможни крајни рокови и дозволете им на нештата да се случуваат со свое темпо.
Анксиозност и депресија
Поради постојаното брзање и сиот стрес, голема е веројатноста да се соочите и со депресија и анксиозност.
Вашите цели треба да ви причинуваат задоволство, а не да бидат извор на страв, тага и незадоволство.
Штом вашата амбиција ве прави анксиозни или депресивни, морате да забавите и да размислите за вашите постапки.
Љубоморни сте на туѓиот успех
Туѓиот успех не е ваш неуспех. Но, штом амбицијата станала токсична, ќе почнете да им љубоморите на сите кои ги сметате за поуспешни од вас.
Поради ова, постојано ќе се споредувате со другите и никогаш нема да бидете задоволни од себе.
Избегнувате интеракции кои не се во ваша корист
Ако им давате приоритет само на луѓето кои можат да ви помогнат да ја исполните целта, треба да размислите за вашето однесување.
Вашите амбиции се важни, но размислете дали вреди да ги уништите сите пријателства поради нив. Покрај тоа, сигурно вам нема да ви се допадне некој само да ве искористи за неговата цел, па не е добро да им го правите тоа на другите.
Спирова С. | Црнобело