Најважните правила за работа од дома
Дизајнерите, програмерите и писателите ја знаат убавината на работата од дома. Нема утринско брзање на работа, лошо канцелариско кафе, неудобно столче и фиксно работно време. Работата од дома значи релаксирана работа под ваши услови и понекогаш во пижами.
Но, исто така, значи и многу дистракции кои може да ви го нарушат работењето - моментална недисциплина, неможноста да избегате од „канцеларија“ и недостаток на интеракција со луѓе.
Можеби телевизорот ќе ве излаже да погледнете уште една епизода од омилената серија, а нередот во кујната ќе стане неподнослив, па ќе се фатите за миење садови, што значи дека иако е многу посакувана, работата од дома има свои недостатоци.
Што може да направите за да ги согледате пречките, да се фокусирате и да извлечете максимум од работата од дома?
Создадете работен простор
Без разлика дали имате цела работна соба или само работна маса, создадете простор каде ќе го правите само тоа - ќе работите. Одберете место каде се чувствувате удобно, но и каде е тивко и погодно за работа.
Воспоставете работно време
Само затоа што сте дома не значи дека не треба да имате распоред. Најдете време во денот кога ќе се изолирате за да ја завршите работата, особено ако имате деца. Со нив може да биде потешко, па затоа поделете ги обврските со другиот родител.
Планирајте „да стигнете“ на работа и да заминете секој ден во исто време.
Одвојте време за ручек
Или за каква било друга пауза. Одвојте половина час и релаксирајте се. Нарачајте ручек или пригответе нешто набрзина. Дајте си време да ги наполните батериите пред да се вратите на работа. Многу е важно да си овозможите и кратки паузи за да ја задржите концентрацијата.
Не трошете време чистејќи
Мора да му одолеете на искушението да зачистите додека работите од дома. Сигурно имате воспоставен ред за чистење и препорачливо е да се држите до него. Тоа нека биде еднаш неделно, за време на викенд.
Излезете од дома барем еднаш дневно
Многу работи се достапни со само еден клик, па работејќи од дома лесно може да се заборавите седејќи на столчето и да останете дома. Во ред е тоа да ви се случува повремено, но не дозволувајте да ви прерасне во навика.
Излезете на кратка прошетка, појдете на кафе со пријателите, прошетајте го кучето - што било што може да ве извади од дома.
Бидете професионални
Само затоа што работите од дома и шефот не ве гледа, не значи дека треба да го спуштите нивото на комуникација. Задржете го професионалниот однос, а во тоа сигурно ќе ви помогне тоа што ќе се потсредите и облечете наместо да работите во пижами.
А. Ш. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





