Фрустрирани сте и не ви се работи, а отказот не е најдоброто решение? Совети како да бидете посреќни на работа
Ако не сте задоволни со вашата работа, но не сте во позиција да си дадете отказ, може да преземете неколку чекори кои ќе ви помогнат да ја подобрите моменталната ситуација.
Некогаш заминувањето и не е најдобрата опција. Доколку може нешто да подобрите на вашето работно место, вреди да се обидете.
Минда Хартс имала 35 години кога била вработена како координатор, но постојано била фрустрирана и незадоволна од својата позиција.
Нејзиниот менаџер на неа гледал како личност од која има најмногу корист и знаел дека каква задача и да ѝ даде ќе биде одлично завршена.
Нејзината желба била да стане лидер.
„Долго време бев нервозна и незадоволна, но не сакав да бидам бунтовна како некои мои колеги, затоа што не сакав да се претставам како некој кој е агресивен и постојано лут“ - вели Хартс, која денес работи како консултант, мотивационен говорник, има свој поткаст и авторка е на три бестселери во Америка.
Годинава, студијата на Истражувачкиот центар Пју покажа дека само околу половина од американските работници се екстремно или многу задоволни од своите работни места.
И неодамнешното истражување спроведено од Харис Пол во име на Aмериканската психолошка асоцијација покажа дека околу еден од пет работници велат дека работат на токсично работно место.
Хартс размислувала да даде отказ, но сфатила дека тоа не е најдобрто решение, па одлучила да остане на своето работно место и побарала да работи на поголеми проекти.
Години подоцна, кога конечно одлучила да си замине од фирмата, вештините кои ги стекнала ги искористила за да основа своја компанија.
Ако не сте задоволни од вашето работно место, но не сте во позиција да дадете отказ, еве неколку предлози како да си ја подобрите ситуацијата:
Бидете љубопитни
Многу е лесно да им се препуштите на негативните мисли кога се чувствувате несреќно на работа. Наместо тоа, пристапете кон вашите проблеми со љубопитност, велат експертите.
Запрашајте се што е тоа што ве спречува да уживате во работата. Потоа запрашајте се: „Што можам да направам околу тоа? Што можам јас да контролирам?“
Разговарајте со вашиот менаџер за вашите амбиции и побарајте конкретни повратни информации за остварување на вашата цел.
Калибрирајте ги вашите очекувања
Ако се чувствувате разочарани од вашата работа, можно е вашите очекувања да се превисоки или да не се совпаѓаат со реалноста.
Што очекувате да добиете од работата? Дали е тоа возможно? Ако не е, дали ќе биде можно за подолг период или со друг тим?
Обидете се да бидете флексибилни.
Пандемијата предизвика бунт против начинот на работа кај многу работници.
Некои од нив едноставно се откажаа од работата, а некои одлучија да вложуваат минимален напор на работа.
Тие типови на однесувања понекогаш можат да им помогнат на луѓето ако се преоптоварени и недоволно ценети. Но, исто така, таквото однесување нема да ја придвижи вашата кариера напред на долг рок.
Редефинирајте си ги амбициите
Амбицијата може да стане штетна тогаш кога ќе ги засени сите други желби или потреби, како што е нашата потреба да се грижиме за себе или нашата потреба за заедница“, вели Рајнсфорд Стауфер, автор на книгата „Сите златни ѕвезди“.
Размислете што конкретно сакате да работите и какво влијание ќе има тоа и врз вашиот приватен живот.
Во својата книга, Стауфер опиша дека тоа што никогаш не велела „не“ на работа и менувала работни места, всушност го загрозило нејзиното здравје.
Таа на крајот научила да го прошири опсегот на своите амбиции со цел да се посвети повеќе на заедницата и личните интереси.
Соработувајте со своите колеги
Ако се чувствувате фрустрирани на работа, шансите се дека и многу од вашите колеги се чувствуваат исто како вас.
Но, иако е така, немојте само да озборувате и заедно да се фрустрирате. Најдете искрени и конструктивни начини да се поддржувате еден со друг.
Хартс вели дека се зближила со своите колеги преку учество во активности после работа заедно со нив, како што се работилници за волонтерство и професионален развој.
Побарајте преместување или промена
Понекогаш се потребни само неколку мали промени за да се чувствувате попријатно на работа. Дали ви треба поголема флексибилност во распоредот или почесто да работите од дома? или можеби сакате да биде префрлени во друг оддел?
Ништо нема да изгубите доколку побарате да биде направена промена, која ќе ви помогне подобро да се чувствувате и да напредувате во работата.
Колку и да е тешко потрудете се да останете оптимисти. Не зборуваме за ирационален оптимизам, туку за чувството дека „и ова ќе помине“.
С. Ш. | Црнобело / фото: freepik.com