10 секојдневни навики кои ќе ви помогнат да се движите повеќе (и да направите 10.000 чекори)
Одете на работа пеш или симнете се неколку станици порано, искористете ја паузата за ручек за 10-минутна прошетка и избегнувајте да користите лифт или ескалатор.
Иако нема научни докази дека во текот на денот треба да направиме точно 10.000 чекори за да бидеме здрави и во топ-форма, факт е дека движењето и физичката активност се особено важни за нашето здравје, а на многумина токму оваа бројка им е дневна цел.
Сепак, во денешното модерно општество може да биде навистина тешко да се движите често. А, постојаното седење пред компјутер на работа и користењето автомобил или јавен превоз во секоја прилика не ни се од голема помош во овој случај.
Но, постојат неколку едноставни секојдневни навики кои можат да ви помогнат да се движите повеќе.
Најдоброто од сè е што за повеќето не треба да одвојувате посебен дел од денот, туку само да ги вметнете во веќе вообичаените обврски.
Во продолжение десет од нив:
Почнете го денот со прошетка
Можеби нема да се натерате да одите во теретана рано наутро, но кратката прошетка е многу поизводлива.
Разбудете се 20-тина минути порано и направете време за кратка прошетка низ вашето соседство и не само што ќе го зголемите бројот на чекори, туку полесно ќе се расоните и ќе се чувствувате посвежо.
Одете пеш на работа
Ако работното место не ви е многу далеку од дома, потрудете се почесто да одите пеш на работа.
Во овој случај можете да си направите и комбинација со утринската прошетка – излезете 20-тина минути порано, прошетајте, па тргнете кон работното место.
Ако одите со јавен превоз, симнете се 1-2 станици порано
Ако сепак живеете многу далеку и морате да користите јавен превоз, немојте да се симнувате до најблиската станица, туку малку порано.
Дури и ако се чувствувате како да не ви се пешачи тоа растојание, движењето ќе ве расположи и ќе ве наполни енергија, плус ќе мора некако да стигнете до дестинацијата...
Станувајте на секои 30-45 минути
Ако целото работно време го минувате на компјутер, на секои 30-45 минути станете од столот и раздвижите се. Отидете до тоалет, напијте се вода, излезете на 2-3 минути надвор – правете што било колку да се раздвижите.
Добро би било да го практикувате ова и откако ќе се вратите дома.
Искористете ја паузата за ручек
Одвојте 10-тина минути од паузата за кратка прошетка наместо да седите на маса. Можете да си купите храна од некое подалечно место или, ако носите ручек со себе, излезете и прошетајте, па вратете се да јадете.