Кои спортови и видови вежби се најдобри за менталното здравје?
Факт е дека физичката активност има добро влијание врз целокупното здравје.
Спортувањето и вежбањето се препорачуваат за луѓето кои имаат проблеми со менталното здравје. Можеби не како лек, но како алатка за ублажување на симптомите.
Во продолжение погледнете како разните спортови и видови вежби го подобруваат менталното здравје:
Трчање
Трчањето е можеби најлесната физичка активност за почетници. Не ви е потребна речиси никаква опрема и можете да се движите со ваше темпо.
Штом ќе го поминете тешкиот почетен период и ќе го направите трчањето навика, ќе почнувате да ги чувствувате и позитивните ефекти врз менталното здравје.
Аеробните вежби како трчањето докажано ги ублажуваат симптомите на депресија и анксиозност. Истовремено, го поттикнуваат лачењето ендорфини кои го подобруваат расположението.
Трчањето ги подобрува и фокусот и квалитетот на сонот.
Сепак, доколку дома немате лента за трчање или друга справа за вежбање, периодов најдобро прескокнете го трчањето и фокусирајте се на друга активност.
Јога
Редовното вежбање јога може да има позитивно влијание врз расположението, менталното здравје и емоционалната состојба.
Јогата е активност со помал интензитет, и со тоа ве релаксира.
Истовремено, јогата, во комбинација со медитација, може да ви помогне да се справите со стресот, да се релаксирате и за миг да избегате од секојдневието.
Најдоброто од сè што можете да вежбате дома, без никаква опрема – нешто што е одлично за моменталната ситуација.
Зумба
Зумбата е аеробна активност која стана навистина популарна.
Најчесто, зумба се вежба во група, со придружба на музика – комбинација што го подобрува расположението.
Се разбира, не ви е потребна цела група луѓе за да вежбате зумба. Денес можете да најдете безброј видеа на YouTube и да вежбате сами дома.
Ефектот ќе биде ист, бидејќи која била активност придружена со „весела“ музика речиси веднаш го подобрува расположението.
Вежби со тегови
Ако се обидувате да го зајакнете телото, вежбите со тегови се задолжителни.
Но, покрај позитивното влијание врз мускулите, вежбањето со тегови може да ги ублажи симптомите на анксиозност и депресија. Истовремено, овие вежби ја зголемуваат самодовербата.
И за овие вежби нема потреба да го напуштате домот. Можете да си набавите тегови со маса погодна за вас и искористете ја моќта на интернетот за да најдете некоја програма за домашно вежбање.
Спирова С. | Црнобело