5 вежби за истегнување и ослободување од болките во вратот и рамениците
Човечката анатомија е навистина интересен феномен - горниот и долниот дел од телото се поврзани со 'рбет, а главата го има само вратот како потпора.
Што и да правиме со рацете, секојдневно ги оптоваруваме и рамениците. Дополнително, вратот и рамениците ги заморуваме со начинот на седење пред компјутер и со наведнувањето кон мобилниот телефон.
Затоа, понекогаш имате болки во вратот, проследени со главоболки, за кои не ви помагаат аналгетиците.
Во тој случај, обидете се со следниве вежби:
Вежба „Був“
Што прави: Ги затегнува сите мускули кои го држат вратот исправен, сè до делот зад ушите.
Како да ја направите: Седнете со исправен 'рбет, отворени гради и релаксирани раменици. Не го стегајте вратот. Свртете ја главата прво кон десно, со брадата кон рамото. Не форсирајте, туку запрете таму каде ќе почувствувате благо затегнување. Задржете 30 секунди, па направете го истото и на другата страна. Повторете по пет пати на секоја страна.
Вежба „Отворена книга“
Што прави: Ги затегнува рамениците и градниот дел.
Како да ја направите: Легнете настрана со свиткани коленици под агол од 90 степени. Зад вратот, прекрстете ги прстите, а лактиците треба да бидат пред вас, паралелни едни на други. Отворајте ги градите кон горе и дишете длабоко. Направете го истото и со другата страна.
Вежба „Орелски крилја“
Што прави: Ги затегнува плешките и вратот.
Како да ја направите: Можете да бидете седнати или застанати. Најпрво раширете ги рацете целосно, а потоа прекрстете ги на градите, лева преку десна. Вака прекрстени, допрете ги дланките една од друга. Со лактиците правете движења нагоре и надолу, како да летате. Задржувајте по 30 секунди каде што затегнува најмногу.
Вежба „Кон небото“
Што прави: Ги релаксира рамениците и горниот дел од грбот.
Како да ја направите: Седнете исправено, со релаксирани раменици. Вкрстете ги прстите и кренете ги двете раце нагоре, со дланките насочени кон небото. Истегнете се најмногу што можете. Задржете неколку секунди и потоа насочете ги дланките кон напред. Релаксирајте се и повторете уште по три пати.
Вежба „Отворени гради“
Што прави: Ги релаксира мускулите на предниот дел од вратот.
Како да ја направите: Седнете со прекрстени нозе, со исправен грб и отворени гради. Ставете ги рацете зад главата и истегнете го вратот кон напред, помагајќи со рацете.
Е. Д. | Црнобело