Во Скопје ЗОО првпат се испилија бебиња пингвини: „Наскоро ќе го дознаеме полот и ќе добијат имиња“ (видео)
Од Скопската зоолошка по подолго време, денес доаѓа нова радосна вест - првпат кај нас се испилија четири бебиња пингвини. „Полот на бебињата ни е сè уште непознат. Но, откако ќе го утврдиме, тие ќе ги добијат своите имиња“, велaт за CRNOBELO.com од зоолошката.
Од скопската Зоолошка градина денес соопштија позитивни вести, дека за првпат ни пристигнаа бебиња пингвини.
Бебињата се од два пара родители, а се испилија на 6-ти, 7-ми, 8-ми и 10-ти јануари.
Иако дојдоа на свет пред два месеца, од Скопје ЗОО за CRNOBELO.com велат дека уште не го знаат нивниот пол.
„Полот на бебињата ни е сè уште непознат. Но, откако ќе го утврдиме, тие ќе ги добијат своите имиња“.
Оттаму објавија и емотивно видео од бебињата пингвини и напишаа:
„Целиот период мајките грижливо ги негуваа, а голем дел од денот со нив проаѓаа и татковците.
Состојбата на малите пингвинчиња од видот хамболдт од ден на ден беше следена подеднакво и од нашите зоонегуватели Маја и Војо, како и од стручни лица.
За да ја доживеете и вие магијата на напредокот и растењето на пингвинчињата во изминатите два месеци, за вас подготвивме видео каде што се прикажани најемотивните моменти од јајца, преку првите прегратки со мајките, па сè до денес“.
Лани беше многу среќна година во Скопската зоолошка – тогаш за кратко време се родија три бели лавчиња, а брзо потоа лама и лемури.
Повеќе фотки од пингвините:
А. Ј. | Црнобело