Американка отворила засолниште за стари кучиња без сопственици – се грижи за нив до крајот на нивните животи
Валери од САД и нејзиниот сопруг згрижуваат стари кучиња чии сопственици починале. Тие се грижат за нив, им помагаат да се чувствуваат сакано и безбедно и, генерално, им овозможуваат да го завршат животот на достоинствен начин.
Некогаш кучињата ги надживуваат нивните сопственици и во ваквите ситуации, неретко можат да завршат на улица бидејќи нема кој да се грижи за нив.
А, само замислете колку е стресно за куче кое целиот живот го поминувало во дом со личност којашто го сака, одеднаш да се најде на улица без храна и засолниште.
Сакајќи да им помогне на кучињата во ваква положба, Валери Рид од Мисури започнала одличен проект преку нејзината непрофитна организација WWSDS (Whispering Willows Senior Dog Sanctuary).
Валери згрижува постари кучиња кои останале сами поради смртта на нивните сопственици и им дава можност да го поминат животот на мирно и безбедно место.
„Сметам дека негата е потребна и за луѓето, но и за животните. Сите ние заслужуваме да умреме со достоинство и да бидеме опкружени со љубов во последните мигови од нашите животи“, вели Валери.
Валери ја добила идејата за засолништето откако нејзиниот татко починал од рак, па немало кој да се грижи за неговото куче.
„По смртта на тато, мајка ми не можеше да се грижи за неговото куче – доберманот Стали. И мама беше во лоша здравствена состојба, а јас и мојот сопруг живеевме во друг град и немавме можност за уште едно милениче.
Не можевме да му најдеме нов дом на Стали бидејќи никој не сака да вдоми старо куче. Но, тој беше еден од најсаканите членови на нашето семејство. Му помагаше на тато и остана покрај него до самиот крај“.
Валери и сопругот почнале да се распрашуваат во локални засолништа за кучиња, но сите им кажале дека Стали ќе биде успиен бидејќи е многу стар.
Тогаш некоја жена слушнала за нив и им кажала дека веќе се грижи за неколку постари добермани, па не би ѝ било проблем да го згрижи и Стали.
„Ни рече дека има големо земјиште и дека Стали ќе може таму да го помине животот. Го однесовме и Стали беше згрижен и сакан уште година и пол до неговата смрт“.
Поради целата ситуација, на Валери ѝ станало јасно дека многу кучиња ќе ја немаат среќата на Стали, па решила да преземе нешто.
„Зошто тие кучиња да умрат само затоа што се стари? Зарем не заслужуваат почит и грижа?“, вели Валери.
По сето ова, Валери и сопругот купиле огромно земјиште и ја основале непрофитната организација во 2017 година. Сега тие нудат 24-часовна грижа за старите кучиња и им овозможуваат да ги поминат последните години од животот во мир.
„Од почетокот, им имаме помогнато на речиси 800 стари кучиња. Некои од нив се овде само неколку денови, некои неколку месеци, па и години, но сите ги добиваат истите грижа и љубов“.
Валери вели дека некогаш згрижуваат и многу болни и стари кучиња кои живеат само уште неколку денови. Но, Валери и сопругот даваат сè од себе да им ги разубават и само тие неколку денови.
Повеќе фотки од среќните кучиња во засолништето на Валери:
Спирова С. | Црнобело