Најдобри другари: Како кучето пријател го промени животот на едно слепо момче?
Животот на слепото 6-годишно момче Рубин Хелер-Смит во целост се променил откако минатата есен му бил доделен 3-годишниот златен ретривер Веспер, со помош на организацијата Guide Dogs Cymru. Благодарение на неговиот најдобар пријател, момчето сега може да оди во нови авантури заедно со семејството.
Веспер е куче пријател што е дресирано за да им помогне на децата да се навикнат на животот со куче асистент, што би им било потребно во подоцнежниот период во животот. Мајката на момчето, Ив (31), вели дека детето се стекнало со поголема самодоверба откако го добило новиот пријател и дека Веспер ги променил нивните животи.
Благодарение на Веспер, Рубин сега има поголема самодоверба кога треба да оди на подолги прошетки и да ги истражува планинските предели заедно со неговото семејство. Ова е особено важно затоа што нивниот дом во Крикховел, Јужен Велс се наоѓа веднаш до националниот парк Брекон-Биконс.
Тој сега ужива да истражува надвор заедно со неговата мајка Ив и 8-годишната сестра Моли и, секако, со неговиот најдобар пријател Веспер. Рубин има ретка состојба што се нарекува PFV (persistent foetal vasculature) и која предизвикува слепило на едното око. Поради оваа состојба, тој воопшто не гледа со десното и има ограничен вид со левото око.
„Рубин има нистагмус – состојба што предизвикува ненамерни, неконтролирани движења на окото. Тој исто така е слеп. Веспер е куче пријател, што значи тој го подготвува Рубин за куче асистент кога ќе биде повозрасен и Веспер навистина ги смени нашите животи. Ние сме авантуристички настроено семејство, сакаме да шетаме и да истражуваме и Веспер му даде на Рубин многу поголема (само) доверба. Тој никогаш не е далеку и секогаш проверува дали Рубин е во ред“ – вели мајката Ив.
Таа додава дека момчето често има проблеми со движењето, дека не е стабилно на сопствените нозе. Мора често да се одмара кога пешачи, а Веспер го чувствува тоа и секогаш е со него.
„Нивната поврзаност е преубава за гледање, не би можеле да си го замислиме животот без Веспер“ – вели таа.
Ив е самохрана мајка. Кога Рубин се родил, сите мислеле дека детето е во одлична здравствена состојба, но таа претчувствувала дека нешто не е во ред и барала дополнителни тестирања, што покажале дека детето е слепо.
„Знаев дека нешто не е во ред кога тој имаше само неколку дена и имаше операција кога имаше една година, со којашто се обидоа да го поправат видот на едното око. Досега му се направени неколку операции на очите. Имаше еден миг кога син ми ме погледна директно во очи. Никогаш нема да го заборавам тој момент“ – вели таа.
Веспер му се придружил на семејството во октомври минатата година, откако четири месеци претходно Ив аплицирала за куче пријател преку организацијата Guide Dogs Cymru.
„Веспер се снајде со нас подобро отколку што очекувавме. Првично го земавме само на пробен период, ама тој си најде дом со нас“ – вели таа.
Мајката додава дека Веспер му помогнал на малиот Рубин да не се плаши и да се чувствува поуверено кога има и други кучиња околу него - нешто што претходно не можел да го поднесе. Како што вели, Рубин станувал премногу нервозен околу кучињата во парковите.
Инаку, Рубин оди во училиште и е доста дружељубив. Има голем број другарчиња и постојано е насмеан, а најмногу од сè сака да си дојде дома и да се гушка со неговиот најдобар другар.
Б. С. Б. | Црнобело