Зошто вашето куче си ја брка опашката и уште 9 објаснувања за најчестите однесувања на миленикот
Трчање низ домот откако ќе го избањате, движење во сонот, брзо мавтање со опашката - погледнете што значат најчестите однесувања на вашето куче.
Кучињата се одлични и лојални миленици, но некогаш нивното однесување може да биде збунувачко. На пример, сигурно сте забележале дека неретко кучето кружи во неговото креветче пред да си легне, или дека ја мрда ногата додека му го чешкате стомакот.
Со овие, но и други слични однесувања, кучето неретко сака да ви сигнализира нешто. Некои однесувања, пак, кучето ги наследило од неговите предци и ги прави инстинктивно.
Па, погледнете што значат најчестите однесувања на кучињата миленици:
Си ја брка опашката
Постојат неколку причини за ова однесување. Најпрво, ако кучето си ја брка опашката, можно е да му е досадно, па на овој начин се забавува.
Некогаш кучињата ја бркаат својата опашка ако имаат паразити, па во овој случај добро би било да се консултирате со ветеринар.
Кај некои кучиња, пак, може да се појави опсесивно компулсивно нарушување, поради кое си ја бркаат опашката, а ако се сомневате дека причината е тоа, повторно консултирајте се со ветеринар.
Ви ги лиже стапалата или лицето
Ова е едно од најчестите однесувања кога кучето сака да ви покаже љубов или почит. Некогаш, пак, кучињата го прават ова за да ви го привлечат вниманието.
Ја навалува главата на едната страна
Сигурно сте забележале дека ова е едно од најслатките нешта што ги прави вашето куче. Кучињата ја навалуваат главата на едната страна кога се зачудени, односно кога се обидуваат да ве разберат. Според некои експерти, со ова навалување кучињата си овозможуваат подобар поглед на она што е пред нив.
„Уништување“ на играчките
На речиси секое куче му се случило да ја фати играчката во уста и да почне да ја тресе главата, како да сака да ја уништи. Иако за повеќето кучиња миленици ова е игра, однесувањето е последица на нивните инстинкти. Односно, тие си замислуваат дека играчката е плен, па сакаат да ја „уништат“.
Трчање наоколу после бањање
Повеќето кучиња сакаат да трчаат наоколу откако ќе ги избањате или откако ќе се намократ. Бањањето може да биде стресно за кучињата, па кога ќе се „ослободат“, сакаат да трчаат.
Неретко, трчањето им помага и побрзо да се исушат, но и побрзо да си го вратат природниот мирис во случај да не им се допаѓа шампонот.