Зошто не треба да ги слушаме советите и сугестиите од постарите?
Иако мислиме дека во културите на Балканот границите на врската со постарите членови од семејството се најзаматени, всушност ние образуваме некоја златна средина помеѓу западниот свет и источниот.
А сепак, колку и да мислиме дека во нашата култура постојат независни и самостојни индивидуи, колку од нас всушност секојдневно донесуваат одлуки и го менуваат начинот на размислување и однесување по консултација со родителите или пак други постари и по некој „дифолт“ - помудри членови од семејството?
Колку од Балканците живеат со родителите на веќе зрела возраст и колку од нас буџетот го делат или формираат согласно сугестиите на токму тие постари и „помудри“ членови? Врски и бракови се формираат по одобрување и поддршка од родителите, деца се одгледуваат и воспитуваат по мера на нивните баби и дедовци, и сè заокружено, до кој степен нашиот животен стил и секојдневие е одраз на желбите и советите од постарите?
Некој би рекол дека тие не залудно се постари, па со оглед на тоа низ колку животни ситуации и патешествија поминале, насобрале мудрост и искуство, но зошто мислиме дека поголем животен стаж се изедначува со мудрост и разумност?
Тие не се добиваат со поголем број на поминати денови, туку со тоа како тие денови биле поминати. Нели е логично мудроста да се добива преку патувања надвор од сè што ни е познато, од читање на безброј книги од сите области и нивна примена во секојдневието, од социјализирање со луѓе чии култури се тотално поразлични од нашите, од сестраност во многу нешта и способност постојано да се учи и напредува, без задоволување од останувањето во својата комфорна зона?
За колку од тие што ни даваат совети ова важи? Во што се состои нивната мудрост? Од прераскажување на тоа што тие преживеале и според тоа се сигурни во тоа како ќе се одвиваат работите и кој ќе биде резултатот во нашиот случај каков и да е – љубовен, финансиски итн.? Дали нивното „ама јас знам што ќе биде“ треба да се земе како непроменлив исход на настаните?
Вистината е дека во овој модерен свет каде што сѐ се менува од ден на ден, благодарение на науката и технологијата, малку што наликува на тој свет каде што нашите постари роднини пораснале. Околностите под кои што нивните животни искуства се одвивале се во голема мера поинакви од нашите. Она што важело за социјално правило или општествена норма за нив, скоро е сигурно дека се изменило во денешно време. Нивните животни избори се направени во некое поинакво, минато време, нивните научени лекции биле зададени од поинаку структурирано општество.
Затоа, за многу од постарите, идејата за меѓурасни, меѓуетнички и бракови од разни религии или пак во тој контекст, разводи, е тотално неприфатлива и несфатлива, додека за нас во преден план се меѓусебната почит, разбирање и возвратената љубов. Истото важи и во други околности, на пример, спротивставеното мислење да се одгледуваат женски и машки деца без типичните „женско-машки“ пристапи во смисла - за девојчињата исклучиво розево и кукли и играчки од домаќинството, а за момчињата сино и камиончиња и лопатки.
Можат да се наведат безброј примери од современото секојдневие кои верувам секој од нас ги има, од формирање и одржување на пријателства до бирање дали да се биде веган или вегетаријанец, да се патува локално или далечно, да се посетува јога или аква аеробик, да се биде во отворена или моногамна врска итн.
Едноставно, што е важно за нас и кон што ние се стремиме, како и тоа каков живот сакаме да водиме, е исклучиво наша, приватна работа, а не збир на избори од некој трет, па макар и тоа да се нашите најблиски. Љубовта и почитта кон нашите постари роднини не се доведува во прашење ако ние се запрашаме колку всушност нивните совети се применливи и колку всушност тие се неуки за одредени работи.
Доколку имаме поинаков став не значи дека сме „јас vs нив“. Здраво е секој од нас да има барем неколку моменти во животот каде што ќе видиме дека сме ги надраснале нашите родители во некои области и сами сме си го скроиле својот пат.
Колку и да ни е лесна и пријатна закрилата на постарите, доколку сакаме да имаме личен раст и развој, треба сами да одлучуваме и размислуваме со сопствените глави за сопствениот живот. Секако, да се побара совет одвреме - навреме не значи дека ќе ни падне „круната од глава“, но може да се каже дека сè што доаѓа од другите треба да се земе со одредена доза на резерва и разумност, па макар и тие да ни се најблиски и според тоа да ни го сакаат само најдоброто, бидејќи доколку тој совет е применлив во туѓ живот, не значи дека важи и за нас – за човек со други цели, размислувања и карактер.
Автор: Афродита Рамос
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!