Пукала во училиште и ранила 8 ученици бидејќи мразела понеделници: Морничавиот случај на Бренда Спенсер
Во 1979-та, 16-годишната Бренда Спенсер почнала да стрела со полуавтоматско оружје кон основно училиште при што го убила директорот и ранила осум ученици. На прашањето зошто го извршила нападот, таа одговорила дека мрази понеделници.
Во 1979 година, Бренда Спенсер преку ноќ станала најпознатата тинејџерка во САД, но поради грозоморна причина.
Тогаш 16-годишната девојка почнала да стрела со полуавтоматска пушка во основно училиште, при што убила две, а повредила девет лица.
Кога ја уапсиле и ја прашале зошто, Бренда одговорила дека мрази понеделници.
Ваквите инциденти веќе не се реткост во САД, но до денес, овој останува еден од најпознатите.
Која била Бренда Спенсер и каде е денес?
Родена во Сан Диего, Калифорнија, Бренда потекнувала од сиромашно семејство, а пораснала со татко ѝ. Самата изјавила дека иако мајка ѝ била жива, воопшто не ја гледала, додека за татко ѝ вели дека ја малтретирал.
Притоа, татко ѝ бил колекционер на оружје, а наводно и Бренда покажувала интерес за истото хоби.
Според изјави на нејзини познаници, честопати отсуствувалa од училиште, почнала да користи дрога во тинејџерските години, а во една пригода изјавила дека сакала да направи нешто големо за да ја има на телевизија.
За жал, Бренда си ја исполнила желбата.
Бренда и татко ѝ живееле спроти локално основно училиште.
Утрото на 29-ти јануари 1979 година, Бренда ги набљудувала учениците кои влегувале во школскиот двор преку прозорецот од нејзиниот дом.
Додека учениците влегувале, Брена почнала да пука кон нив, и тоа со полуавтоматско оружје кое го добила како божиќен подарок од татко ѝ.
Во нападот, таа го убила директорот на училиштето, како и еден од чуварите кои пробал да ги заштити учениците.
За среќа, не убила ниту едно дете, но сепак повредила осум ученици, како и еден од полицајците кои одговориле на повикот за помош.
Бренда стрелала од прозорецот околу 20 минути па се заклучила во својот дом. Полицајците веднаш утврдиле од каде доаѓаат истрелите, но Бренда одбивала да соработува и се заканувала дека ќе продолжи со пукање ако ја тераат да излезе од куќата.
Целото преговарање траело повеќе од шест часа, а во меѓувреме Бренда дала интервју и за весникот The San Diego Union Tribune преку телефон.
Во ова интервју, Бренда била прашана зошто почнала да пука, на што одговорила:
„Мразам понеделници. Ова малку го разведрува денот“.
По неколку часа, Бренда мирно ѝ се предала на полицијата – излегла од куќата и била уапсена.
Кога почнала истрагата, надлежните дознале дека Бренда и претходно пукала кон училиштето, со воздушна пушка, но тогаш само ги оштетила прозорците. Иако била уапсена, тогаш не добила никаква казна.
Сепак, добила препорака за престој во ментална институција бидејќи имала депресија, но татко ѝ одбил, па дури и решил да и купи полуавтоматска пушка.
„Побарав радио, а тој ми купи пушка. Се чувствував како да сака да се убијам“, им рекла Бренда на надлежните.
Иако имала само 16 години, на Бренда ѝ се судело како на полнолетна личност поради двете убиства и добила 25-годишна до доживотна казна затвор.
Нејзините адвокати пробале да ја намалат казната со тврдења дека била малтретирана од татко ѝ, но безуспешно.
Денес Бренда има 63 години и уште ја отслужува затворската казна.
Иако нејзиното пукање во училиште не е првиот ваков инцидент во САД, некои претпоставуваат дека донекаде можеби и таа е одговорна за зачестениот тренд на слични инциденти.
Во интервју од 2001 година, и самата изјавува дека се сомнева во тоа.
„Секојпат кога слушам за пукање во училиште, се чувствувам делумно одговорна. Што ако ја добиле идејата од мене?“
За нејзината изјава дека мрази понеделници, ирскиот бенд Boomtown Rats издаде и песна насловена I Don’t Like Mondays која, изненадувачки, беше огромен хит и во САД.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





