Знаци дека вашата пријателка е во насилна врска (и можеби ѝ треба помош)
Партнерот не ѝ дозволува да излегува со вас, нагло го променила стилот на облекување и често има модринки и повреди – како да познаете дали вашата пријателка, па и познаничка е во насилна врска?
Кога станува збор за семејно насилство, поголемиот број жртви се жени.
За жал, поради стигмата во нашето општество и осудувањето од другите, многу жени, но и мажи кои се жртви молчат за тортурата што ја трпат.
Некогаш, пак, тие чувствуваат и страв од насилниот партнер дека ќе повреди некој друг член од нивното семејство, особено ако им се заканува за тоа.
Притоа, важно е да се напомни дека насилството во врската не секогаш е физичко. Постои и психичко, па и финансиско насилство, а последиците можат да бидат исто ужасни.
Како да познаете дали девојка или жена е во насилна врска и можеби ѝ треба помош?
Партнерот не ѝ дозволува да се гледа со вас
Откако ќе најдеме нов партнер, нормално е малку да намалиме со дружбите со пријателите.
Но, ако забележите дека пријателката сè поретко излегува со вас или ако дечко ѝ гневно ја бара кога е излезена, можно е да пробува да ја контролира.
Нагло го променила стилот на облекување
Нема ништо лошо или погрешно во тоа да го смениме стилот на облекување.
Всушност, секој од нас неколкупати си го менува стилот во текот на животот.
Но, ако ви се чини дека вашата пријателка без навидум никаква причина носи поразлична облека, а и не се чувствува пријатно во истата, можно е да станува збор за контрола од страна на партнерот.
Ви изгледа несреќно и променето
Очекувано, луѓето се менуваат кога се во насилна врска.
Ако вашата пријателка изгледа несреќно откако е со нејзиниот дечко и забележувате загрижувачки промени во нејзиното однесување, а притоа не ви кажува никаква причина, можно е да има насилен партнер.
Не се чувствувате пријатно во близина на нејзиниот партнер
Некогаш навистина треба да ѝ веруваме на интуицијата.
Ако не се чувствувате пријатно, па и безбедно покрај дечкото на пријателката, а притоа забележувате и други загрижувачки знаци кај неа, бидете внимателни.