Лоши навики со кои ги оттргнувате луѓето од вас (и ќе останете без пријатели)
Откажувате планови во последен момент, ги бомбардирате со пораки, ги прекинувате кога зборуваат… Постојат многу грешки во однесувањето со кои несвесно ги оттргнувате пријателите од вас.
Како романтичните врски, секој треба да вложи труд и време ако сака да ги одржи и пријателските.
Сепак, многумина прават некои грешки, неретко несвесно, со кои ги оттргнуваат пријателите од себе.
Кои се најчестите грешки што треба да ги избегнувате?
Чекате тие да ви се јават први
Секое пријателство е обострано – треба да се ангажираат и двете страни.
Ако постојано оставате на пријателите да ве побараат за дружба или само да ве слушнат, не очекувајте дека ќе останат во вашиот живот уште долго.
За да го избегнете ова, редовно јавувајте им се, напишете им порака и, генерално, покажете интерес за нив.
Ги наметнувате вашите ставови за политика, религија…
Невозможно е сите луѓе на светот да имаат исти ставови и мислења за чувствителни теми како политика или религија.
Ако имате пријатели кои ги делат вашите мислења, тогаш одлично.
Но, ако забележите дека не се согласувате во некои аспекти, немојте да ги наметнувате вашите ставови бидејќи само ќе создадете конфликт.
Со пријателите со коишто не наоѓате заеднички јазик за овие теми, најдобро и не ги дискутирајте и само прифатете дека имате различни гледишта.
Не сте „присутни“ кога ви зборуваат
Дали често ви се случува додека некој пријател ви зборува, вам да ви одлетаат мислите и да не слушнете ни збор од она што ви го кажал?
На секој од нас му се сочува да има лош ден и да биде расеан. Но, ако секогаш го правите ова, нема уште долго да ги имате пријателите.
Потрудете се внимателно да ги слушате кога зборуваат со вас, дури и кога станува збор за теми што вам ви се чинат безначајни.
Одговарате на нивните пораки дури по неколку денови
Точно е дека не секогаш сме во можност веднаш да одговориме на пораките.
Но, кога станува збор за вашите пријатели, потрудете се да им одговорите најмногу за еден ден.
Во спротивно, делувате незаинтересирано за нив и затоа нема ни да сакаат да се дружат со вас.
Постојано им пишувате пораки
Од друга страна, немојте и постојано да ги бомбардирате пријателите со пораки.
Со ова однесување ќе делувате нападно и најверојатно ќе ги оддалечите пријателите од себе.