Убиства, кражби, киднапирања – Злодела кои се случиле пред бројни сведоци, но се нерешени до денес
Тим Ватхол од САД беспомошно го гледал киднапирањето на Хедер Тиг преку својот телескоп и иако пријавил во полиција, девојката никогаш не била најдена.
Бројни кражби, убиства и киднапирања остануваат нерешени. Некогаш полицијата има осомничени, но не и доволно докази за да ги осуди.
Во некои случаи, пак, криминалните дела остануваат без разрешница, без разлика што се случиле пред очите на бројни сведоци.
Неколку вакви злодела кои до денес ја бунат јавноста:
Убиството на Кен Мекелрој
Кен Мекелрој бил застрелан и убиен на 10-ти јуни 1981 година, и тоа среде бел ден, пред бројни сведоци. Но, до денес никој не знае кој е убиецот.
Кен бил криминалец кој почнал со кражби на само 15 години. Бил обвинет и за силување, а застрелал и двајца сограѓани.
Што значи, Кен го биел лош глас во неговиот град и соседите го презирале.
На денот кога бил убиен, Кен излегол од локален бар со сопругата, по што биле опколени од сограѓаните кои го мразеле.
Како што влегле во автомобилот, Кен бил застрелан двапати, од две различни оружја, и починал.
Што значи, луѓето на кои им било „преку глава“ се собрале за таа цел и до денес молчат за тоа кои биле убијците на криминалецот.
Исчезнувањето на Кирон Хорман
7-годишниот Кирон Хорман исчезнал во 2010 година, и тоа од дворот на училиштето кое било преполно со ученици и наставници. До денес никој не знае каде е и што му се случило.
Кирон стигнал до училиштето со неговата маќеа. Еден од неговите соученици го видел пред влезот на училиштето во девет наутро и оттогаш му се губи секаква трага.
Момчето не се појавило на ниту еден час, а сите сфатиле дека е исчезнат дури кога неговиот татко дошол да го земе.
Полицијата веднаш почнала истрага, но до денес не е откриено ништо значајно.
Наводно, неговата маќеа била една од осомничените, најмногу бидејќи еднаш се обидела да го убие татко му.
Таа, пак, тврдела дека Кирон бил киднапиран од маж со бело комбе. Имено, таа го забележала кога го оставила момчето на училиште.
Но, нејзината приказна не можел да ја потврди никој.
Кражбата на уметнички дела од музеј во Бостон
Во март 1990 година, крадци преправени како полицајци украле уметнички дела од музеј вредни 600 милиони долари. И, не се фатени до денес.
Во музејот Изабела Стјуарт Гарднер во Бостон, околу 1 часот по полноќ, двајца мажи облечени како полицајци отишле во музејот и му кажале на мажот од обезбедувањето дека дошле по пријавата за вознемирување.
Мажот им поверувал и ги пуштил внатре.
Но, речиси веднаш, мажите изјавиле дека се крадци, па им ги заврзале рацете на мажот кој им отворил и уште еден маж од обезбедувањето.
Во рок од еден час, тие украле 13 вредни уметнички дела, вклучувајќи и слики на Рембрант и Вернер.
Ова се смета за една од најскапите кражби во музеј и вредноста на украдените дела се проценува на 600 милиони долари.
На почетокот полицијата се сомневала во мажите од обезбедувањето, но се покажало дека сепак самите биле жртви.
Истрагата не вродила со никакви резултати и крадците, но ни украдените дела, не се најдени до денес.