Пар наместо дете посвоил возрасна жена со џуџест раст, која сакала да ги убие - Бизарниот случај на Наталија Грејс
Кога маж и жена ја посвоиле Наталија Грејс во 2010-та, тие мислеле дека таа е 6-годишно девојче од Украина. Но, по бројни инциденти, се убедиле дека Наталија е всушност возрасна жена со многу психички проблеми која, поради некоја причина, сакала да им наштети. Дали Наталија била само дете, или парот сепак ја зборува вистината?
Доколку сте го изгледале морничавиот филм Orphan, сигурно ќе се вознемирите кога ќе дознаете дека слично сценарио се одиграло и во реалноста.
Иако до денес не е позната целата вистина, приказната за Наталија Грејс и семејството што ја посвоило е ништо помалку од вознемирувачка (и бизарна).
Кога Мајкл и Кристин Барнет од САД ја посвоиле Наталија, тие мислеле дека таа е 6-годишно девојче.
Но, по бројни инциденти, тие почнаа да тврдат дека Наталија воопшто не е дете, туку возрасна жена со џуџест раст. Според нив, Наталија дури и им се заканувала дека ќе ги убие.
Од друга страна, Наталија стои на ставот дека, поради некоја причина, парот лаже.
Па, што точно се случило?
Кристин и Мајкл отсекогаш сакале големо семејство. Тие имаат биолошки деца, а во 2010-та решиле и да посвојат.
Тогаш парот живеел во Индијана, САД, а преку агенција за посвојување дознале дека во Флорида има мало девојче без родители на кое итно му е потребен дом.
Без двоумење, во мај 2010 година, тие отишле во Флорида за да ја запознаат Наталија и веднаш ја почнале постапката за посвојување.
Според агенцијата за посвојување, тогаш Наталија имала шест години. Девојчето имало и ретко нарушување поради кое имало џуџест раст и здравствени проблеми.
Па, на Наталија ѝ била потребна посебна нега, но Кристин и Мајкл се согласиле да ѝ помогнат.
Наталија немала извод, но според некои документи од агенцијата (кои не се достапни за јавноста) била родена во Украина во 2003 година, две години била во САД, а итно ѝ бил потребен нов дом бидејќи претходното семејство што се грижело за неа ја напуштило без никакво објаснување.
Наталија и Мајкл
Мајкл и Кристен не поставувале многу прашања и ја згрижиле Наталија.
Но, набрзо откако таа се вселила во нивниот дом, парот почнал да забележува чудни работи.
Во интервју за Daily Mail од 2019-та, Кристин изјави дека првпат почнала да се сомнева дека нешто не е во ред додека ја капела Наталија.
Наводно, девојчето имало срамни влакна и покрај тоа што имало само шест години, а и нејзините заби изгледале како на возрасна личност.
Кристин во интервјуто за Daily Mail
Поради болеста, Наталија имала проблеми со движењето. Но сепак, Кристин е сигурна дека лажела и за тоа.
Имено, тие го однеле девојчето на плажа и тоа почнало да трча, и покрај тоа што претходно едвај се движело.
Во истото интервју, Кристин тврди дека Наталија станала и насилна – во една пригода ѝ истурила избелувач во кафето, а истовремено се заканувала дека ќе ги убие со нож додека спијат.
Наталија нападнала и мало бебе, изјавила дека слушала гласови, па дури и пробала да ја бутне Кристин во електрична ограда.
По некое време, Кристин почнала да наоѓа облека и ткаенини со крв во корпата за отпадоци, па помислила дека Наталија има и менструација, па се обидува да го скрие тоа.
Загрижени и исплашени, Кристин и Мајкл одлучиле да побараат професионална помош.
На Наталија ѝ бил направен тест за одредување на возраста со кој се проверува густината на коските. Според Кристин и Мајкл, резултатите покажале дека Наталија има барем 14 години, а сигурно и повеќе.
Тогаш Кристин почнала да ѝ купува посоодветна облека за возраста и парот продолжил да се грижи за неа, но однесувањето на Наталија само се влошувало.
Наталија и Мајкл