„Еве ја таа проста земја што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски“ – 17 години од смртта на Анте Поповски
Анте Поповски (1931-2003) е еден од најзначајните македонски поети. Автор е на петнаесетина поетски книги, како и на неколку книги есеи. Во неговиот поетски опус спаѓаат „Одблесоци“ (1955), „Тајнопис“ (1975), „Сина песна“ (1984), „Света песна“ (2001) и „Две тишини“ (2003).
На 1-ви октомври се навршија 17 години од смртта на големиот поет.
Во негова чест, се потсетуваме на најубавите стихови на Анте Поповски:
На Големото заминување –
мали се сите неба…
(Кога си далеку)
Ти и не знаејќи околу мене
насели две тишини:
една мала, во која те сонувам
и чекам, и една голема
во која исчезнувам.
Твојот заборав и моето заминување
сега и сам Господ – бог
не може да го спречи.
(Две тишини)
Мојата птица ги покрстува небеските варвари,
светлината ја пресоздава во писмо според кое
бела како коска, студена како кама
– неизвесноста пустоши низ нас …
(Мојата сина птица)
Врз секоја карпа, врз секој камен – некој знак!
Целата татковина – свето и непрочитано писмо.
(Непрочитано писмо)
Сега, легнувајќи во самите корени
на новиот век
се загледуваш во мене
и ги згаснуваш една по една
ѕвездите во моите очи.
(Од сина тишина зборови)
Го преврзуваше сонцето со влажна шамија
И го успиваше крај неа.
Ние, дури чекавме да расцутат овошките,
Таа веќе ги береше плодовите од нив
Полни чинии поставуваше пред нас
И ништо не ја возбудуваше.
Цел живот верував дека е жена
Не знаев дека е Бог
Само тој не копнее по ништо.
(Љубовна)
Еве ја таа проста земја
од дволичен камен
и сонце.
О, еве ја таа проста земја
од грч
и од чекање
Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски
А никој не ја знае.
(Македонија)
(О)Милена | Црнобело