Го натера чичкото на Елизабета да се откаже од тронот, наводно била нацистички шпион: Скандалите на Волис Симпсон
Поради абортус не можела да има деца, ги изневерувала тројцата сопрузи и наводно била нацистички шпион – скандалите на Волис Симпсон се бројни, но некои веруваат дека се само шпекулации со кои британското кралско семејство пробувало да ѝ ја уништи репутацијата.
Волис Симпсон е една од поскандалозните личности кои се поврзуваат со британското кралско семејство.
Таа е жената поради која поранешниот крал Едвард Осми се откажал од тронот и му го отстапил на својот помлад брат, односно таткото на кралицата Елизабета Втора.
Едвард бил вљубен во Волис и сакал да се венча со неа, но ова било невозможно бидејќи таа двапати била разведена.
Оттогаш, ова правило кај кралското семејство е променето – принцот Хари се венча со Меган која има еден развод зад себе.
Но, во 1930-тите, Едвард морал да избира – или тронот, или брак со Волис.
И, ја избрал втората опција.
Јасно е зошто кралското семејство ја презирало Волис, а низ годините за неа се појавиле секакви гласини.
За дел од нив се верува дека се само шпекулации поттикнати од самото кралско семејство со цел да ѝ се уништи репутацијата.
Но, сепак се забавни за читање.
Детали за животот и скандалите на Волис Симпсон:
Била проблематична уште во детството
Волис била родена во САД, а татко ѝ починал од туберкулоза додека била дете.
Во детството, Волис и мајка ѝ немале пари, па ги издржувал братот на татко ѝ, кој бил богат.
Тој ѝ овозможил да се образува во една од најпрестижните институции во Мериленд, а уште во школските денови била позната како бунтовник.
Волис честопати бегала од училиште, пушела цигари, а била позната и по тоа што имала многу дечковци.
Двапати била во брак пред да го запознае Едвард
Волис првпат стапила во брак во 1916-та, кога имала 20 години.
Нејзиниот прв сопруг бил поручникот и воен пилот Ерл Винфилд Спенсер.
Бидејќи тој често отсуствувал поради работни обврски, Волис сама патувала низ светот, а поминала и цела година во Кина без него.
Во 1927-ма тие се развеле.
Волис не чекала многу за вториот брак и се венчала со бизнисменот Ернест Симпсон во 1928-ма.
Со сопругот се преселиле во Лондон, но по крахот на Волстрит во 1929-та, биле присилени да живеат поскромно – нешто што не ѝ се допаѓало на Волис.