Стариот букет од новиот дечко

Сакале или не, понекогаш или секогаш, почесто или поретко мора да ги чистиме своите соби. На некого тоа му е хоби, а на некого последна работа што му паѓа на памет.

stariot-buket-od-noviot-decko-01.jpg

Таа конечно се реши да направи чистка. Си пушти добра музика, со крпата во раце и започна да ја чисти прашината која така добро се имаше напластено врз целата соба.

Започна од бирото, го здогледа стариот букет од новото момче, но бидејќи веќе беше свенат реши да го фрли. Иако многу и значи, едноставно веќе не е добар за око.

Помина по книгите што и седеа во долната полица, ги разгледа и слатко се насмевна – не знам дали е некој си марфиев закон ама книгите што ги имаме дома ги читаме последни. Можеби тоа не е случај и кај вас, ама некако кога ќе се решите да читате не гледате во својата скромна библиотека туку прашувате друг за добра книга. 

Ја избриша прашината и од нив. Стигна до наткасната или јас би ја нарекла женското царство - многу нормално тука стои цело богатство на една девојка. Тука беше најголемиот хаос, додека да ги премести безбројните ковчежиња со бижутерија, сетовите со шминки, млеката за тело, парфеми, лак за коса и се останато - поминаа дури 3 песни.

Некако го избриша, па и потфрли некои стари шминки, ако нешто не го искористиш кога му е време губи од вредност, исто како што ако не го искористиш мигот наречен сегашност губи од вредност и станува минато во кое ништо не може да се смени.

Одиме понатаму, следеше плакарот, го погледна па си рече: „во друга прилика ќе го прередам, да се фокусирам на прашината, нели од тоа почнав“. Се качи на столот и здогледа мала антикварницата над плакарот.

Таму ги чуваше најдрагите мечиња од детството, куклата која нејзиниот кум и ја даде за 5-от роденден, слончето кое уште како малечка го украде од кај својата тетка и безброј ситници.

Тука веќе започна вистинска ретроспектива на нејзиниот живот. Го тргна плишаното мече и слатко се насмевна, тоа беше мечето кое го добила за Св. Валентин од момчето со кое се скара пред да му биде роденден за да не купува подарок за него... можете да замислите колку само и значело тоа момче, затоа и се насмевна.

Го дофати и зајчето, убаво зајче со кое се обидуваше да спие како малечка, но секое утро го наоѓаше на подот, па се откажа од таа идеја. Повторно се насмевна, а во позадина се слушаше “Girls Just Wanna Have Fun “, тоа го правеше чистењето уште позабавно.

Но, не беше се така розово, стигна до стаклената роза, пирамидата со нејзиниот хороскопски знак, срцето со ружи… погодувате нели, тоа беа подароците од нејзиниот бивши со кого пред некое време раскинаа.

На сосема мирен начин, не загорчувајќи си ги животите, дури планираа да бидат и другари, но нели  е смешно, нели е иронично да пиеш кафе и да му зборуваш за својот нов симпатија на некого со кого си поминал многу.

И беше така како што сите претпоставувате, не беа другари. Но, бришејќи ја прашината од ситниците, таа ги избриша своите блокади и повторно се наврати на една навидум завршена работа која така горко пече.

Се замисли, седна на зелената табуретка со крпата во раце, па направи цел филм за таа врска, како се одвиваше и како заврши, кој беше крив.

Во позадина после некое време се слушна “Зар је важно кој је крив” од Северина, па тоа ја натера да се врати во сегашноста, веќе некое време беше заглавена во минатото.

Кога одеднаш и светна, дека некои прашањата просто остануваат без одговор, спомените постојат за да се присетуваме на убавите моменти, а не да тагуваме. Никогаш нема да биде идентично како тогаш, па зарем сакаме бледа копија?

Ги намести сите ситници на своето место, ја пушти музиката погласно и премина да ја избрише масата, немаше време за губење, во нејзината соба имаше уште многу работа.

Н. Т. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Не сме изморени од животот - Изморени сме од разочарувања и да нè повредуваат другите Не сме изморени од животот, изморени сме да гледаме назад, постојано да гледаме ...
„Децата не помнат кој го донел најскапото пакетче и дали украсите се нови – На што се сеќаваат?“ Знаете ли што нема да помнат децата кога ќе пораснат? Кој го донел најскапиот по...
Со друштвото си ги купивме најгрдите маички за Нова година наместо убави подароци (и пресреќни сме) Иако идејата тргна од мене, сите мои пријатели сфатиле дека треба да купат грди ...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Исповед на Македонка: „Мислев дека имам циста, не очекував дека ќе ми кажат дека сум бремена“ Јас се сменив! Јас се сменив кога сфатив дека ќе бидам мајка. Се сменив кога на ...
Како денот ми стана „потоп“ затоа што не ја прочитав временската прогноза? Кога влегов дома, бев накисната до гола кожа. Избањата, потопена, мокра и никој ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg