„Децата не помнат кој го донел најскапото пакетче и дали украсите се нови – На што се сеќаваат?“
Знаете ли што нема да помнат децата кога ќе пораснат? Кој го донел најскапиот подарок (најскапото пакетче). Дали украсите се исти веќе трета година за ред. Дали декорацијата е усогласена со бојата на завесите... А, на што се сеќаваат? Кои спомени ви се најдраги од божиќните празници во детството?
Сите се радуваме на празниците што се пред нас, а родителите секоја година по ред се трудат да направат сѐ за овие празници да бидат повпечатливи и поубави од минатата година.
А, во последните години наназад се чини дека сите се трудиме да се надминеме себеси. Како да не можеме да се наситиме на изборот и можностите што се пред нас.
Нови елки, нови украси секоја година, скапи пакетчиња, од различни брендови и во различни големини, најубави фотки на Инстаграм, предновогодишни фотосесии, планирање до детаљ на празничната трпеза... Но, дали сето тоа е неопходно?
Убаво би било сите да размислиме за овие поенти пред да се фрлиме на огромни планови за тоа како да го разубавиме празничниот период и да го направиме незаборавен.
Знаете ли што нема да помнат децата кога ќе пораснат?
- Кој го донел најскапиот подарок (најскапото пакетче)
- Дали украсите се исти веќе трета година за ред
- Дали декорацијата е усогласена со бојата на завесите
- Дали божиќната трпеза е фотогенична
- Дали имаме професионална божиќна фотографија (или само обична)
Знаете ли што сигурно ќе запомнат?
- Истите украси, секоја година
- Писмата што заедно му ги пишувате на Дедо Мраз
- Божиќните колачиња што заедно ги подготвувате
- Друштвените игри за кои секогаш во периодот на празниците имате време
- Возбудата на мама додека го отвора подарокот од тато (и обратно)
Обидете се да се навратите на новогодишните и божиќните празници од сопственото детство и ќе сфатите дека во овие тврдења има голема вистина.
Сигурно сѐ уште ја помните старата изретчена елка, која секоја година одново и одново го заземаше централното место во домот, бонбоните кои висеа на неа, но и стаклените лампиони кои уредно се собираа во кутија за секоја наредна година.
Сигурно сѐ уште се сеќавате на мирисот на божиќните колачиња, ванилиците и ежињата што се правеа во минатото.
Помните колку убаво си поминувавте додека на топло во домот со родителите и најблиските игравте „Не лути се човеку“, „Монопол“ или карти...
Празничните фотографии најчесто беа со Дедо Мраз и со соучениците во училиштето и во градинките.
Времињата се менуваат и убаво е да се менуваат.
Убаво е тоа што денес имаме голем број нови можности за забава, што имаме избор што сакаме да правиме, какви украси да ставиме, каква елка да украсиме или какви колачиња да направиме.
А за подароците, запомнете дека највредното нешто што можеме да им го подариме на нашите деца е времето.
Време за игра, време за забава и неподелено внимание – да знаат дека празниците се наменети за љубов и за семејството.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
Б. С. Б. | Црнобело