Исповед на Македонка: „Мислев дека имам циста, не очекував дека ќе ми кажат дека сум бремена“

Јас се сменив! Јас се сменив кога сфатив дека ќе бидам мајка. Се сменив кога на првото ехо го слушнав чукањето на срцето на животот кој растеше во мене. Првите солзи радосници, првите насмевки, првото „Ќе имаме бебе“ кое беше онака, најреално. Уште повеќе се сменив кога првпат почувствував како ме клоцкаш. А како што се менува моето тело, како што ти повеќе растеш, толку јас повеќе се менувам и сфаќам колку ми се смени и ќе продолжи да се менува мојот живот.

мojata-cista-kje-se-rodi-vo-januari-01.jpg

Мајчинството секогаш беше дел од мојата агенда, ама некако секогаш беше некаде кон крајот на листата… Кариера, патувања, дом, финансиска стабилност, заштеда во банка, посета на Куба, часови за возење, па нов автомобил… секогаш постоеше нешто пред бебето.

Секоја година нешто ново, и не само од моја страна, и кај сопругот!

Годините си врват, домашните прашуваат - бебе кога? Сите чекаат внуче и правнуче, а ние уште талкаме по светот и место пелени, купуваме магнети за фрижидерот, кој и онака е преполн.

Еден убав јунски ден болки во стомакот - дојде тоа време од месецот! Тие проклети седум дена кога целиот свет се руши врз мене, кога сите хормони се обединуваат во едно мало монструмче кое владее со мене и сите мои емоции кои успешно се менуваат на секои пет секунди.

ispoved-na-makedonka-mislev-deka-imam-cista-ne-ochekuvav-deka-kje-mi-kazhat-deka-sum-bremena-02.jpg

Но, тој јунски ден само болка! И болката си продолжи, но без „црвената другарка“ која и онака доцнеше. Прво сомнеж, се врати цистата на јајник. Симптомите исти како и првиот пат. Тапа болка, лошење и гадење, умор и омалаксаност.

По два дена, ајде на лекар, не се издржува болката.

Земаат крв, закажуваат ехо, и - врати се за два дена. Еве ти некое апченце за болка.

И после два дена, јас сигурна во себе дека е циста, дека исто сценарио како и пред две години, ќе си пијам лекови и после некое време таа сама ќе си пукне.

Ама оваа циста, малку поинаетлива, ќе се роди во јануари...

Шок! Неверување! Изненадување! И тоа гооолемо!

Па, зарем е можно? Како? Кога?

Како? – ОК, знам како, а кога, па мал момент на невнимание. Малку и требало на „цистата“.

ispoved-na-makedonka-mislev-deka-imam-cista-ne-ochekuvav-deka-kje-mi-kazhat-deka-sum-bremena-03.jpg

Ги прибирам чувствата, средувам мисли и солзи, што од среќа, што од страв, а најмногу од неверување. Ама, ете, бебето го одбра совршениот момент за нас, бидејќи ние, ние сакавме сè да биде под конец, секое делче од сложувалка на свое место пред да се одлучиме да го прошириме своето семејство.

Првите месеци поминаа како во бунило, меѓу сон, јаве и јас прегрната со тоалетна школка. Се чувствував толку неподготвена за оваа нова улога која филмот наречен живот ми ја додели без претходен кастинг и проба. За секоја најмала промена и се јавував на мајка ми. Не знам што би правела без неа.

А јас на почеток на курс, да менувам кариера, малку да се усовршам, реков ќе си земам година за себе, планирав да учам, да слабеам и да се посветам на барање ново работно место.

Опа! Смена на план за 360 степени, и тоа дупло крукче!

И сега, продолжувам со планот, продолжувам со учење, задоволно го пречкртувам „слабеење“ и „теретана“ и така малку како среќна за тоа, и додавам нова потточка со приоритет - „бебе“. 

И така, секој ден нова авантура, непозната, непланирана, неочекувана и јас неподготвена, и тоа почнувајќи живот во нова држава, во нов град, кој не е моето Скопје.

Најискрено, неколкупати ме зафатија оние црни мисли, зошто баш сега, зошто едно мало невнимание ми го преврте светот, и тоа баш сега кога требаше да се посветам на нова етапа од мојот живот. Ама, ете, така требало да биде...

ispoved-na-makedonka-mislev-deka-imam-cista-ne-ochekuvav-deka-kje-mi-kazhat-deka-sum-bremena-04.jpg

И така, сè се смени за само два дена. Иако сум човек што сака да планира, да прави агенди, да закажува и да се организира, скоро секој чекор во животот ми е однапред добро смислен, „overthinking queen“. Јас и спонтаноста не сме во добра врска, речиси непостоечка. Но, кога стана збор за најголемата промена во животот, дојде најнеочекувано, како гром од ведро небо!

А бременост, еве веќе при крај сме. Емотивен ролеркостер, повраќање на секои пет минути и спиење за двајца, многу дремки, многу умор и многу солзи, „хормона до плафона“.

Сè се смени!

Јас се сменив! Јас се сменив кога сфатив дека ќе бидам мајка. Се сменив кога на првото ехо го слушнав чукањето на срцето на животот кој растеше во мене. Првите солзи радосници, првите насмевки, првото „Ќе имаме бебе“ кое беше онака, најреално.

Уште повеќе се сменив кога првпат почувствував како ме клоцкаш. А како што се менува моето тело, како што ти повеќе растеш, толку јас повеќе се менувам и сфаќам колку ми се смени и ќе продолжи да се менува мојот живот.

Колку само ми беше страв на почетокот, уште ми е! Дали ќе успеам, како се менуваат пелени, што ако ме боли доење, што ќе правам ако плаче цела ноќ, дали имам доволно облека, кој бебешки шампон, дали смеам кафе да се напијам, која марка на пелени… Mилион прашања, уште толку недоумици.

Ама тие стравови исчезнуваат секојпат кога ќе те почувствувам и едвај чекам да те видам! Те молам имај ја насмевката на татко ти и мојата коса. Барем косата!

ispoved-na-makedonka-mislev-deka-imam-cista-ne-ochekuvav-deka-kje-mi-kazhat-deka-sum-bremena-05.jpg

Планот за реновирање на кујната стана план за детска соба, буџетот за новите кујнски апарати и тенџериња отиде во количка, наместо во теретана одам на часови за бремени, а при секое излегување морам нешто за купам за „цистата“, шпилхозни, боди или некоја слатка плишена играчка.

Иако ме изненади, ме исплаши, ме извади од мојот детално планиран живот, сега си најдоброто нешто што ми се случило и едвај чекам да дојдеш и да го разубавиш мојот свет. Знам дека ќе морам да бидам спонтана, бидејќи не можам однапред да испланирам менување пелени и непроспиени ноќи, но верувам дека заедно ќе успееме да направиме нов план.

Заедно ќе градиме нова кариера, ќе учиме, ќе навикнуваме на сите промени и заедно ќе одиме во Куба!

ispoved-na-makedonka-mislev-deka-imam-cista-ne-ochekuvav-deka-kje-mi-kazhat-deka-sum-bremena-06.jpg

Јас не те одбрав тебе, но ти ме одбра мене и ова време за нас! Се прашувам, дали е ова е тоа што го нарекуваат судбина? Или она познатото, старото, „од пишаното не се бега“...

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови  и фотографии е казниво со закон.

И. Ј.| Црнобело / фото: depositphotos.com 

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Седев сама на гинеколошка онкологија во Скопје и ми се плачеше „Тргнав утрово на скопската клиника, а нозете ми се враќаа назад. Не сакав никој...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg