Сега кога пораснавме, во што се претворија стравовите од детството?
Од што се плашевте кога бевте мали? Мрак? Инсекти? Чудовиште под креветот?
Сигурно се сеќавате на она чувство кое го имавте, како никој на светот да не ве разбира. Па така, плачејќи, преплашени до трепет, ви се случуваше да добиете добра животна лекција, па дури и казна. Само затоа што не го разбираа вашиот страв.
А вие повторно се грчевте секој пат кога ќе видевте пајаче, комарец, кога ќе се најдевте во темна просторија мислејќи дека чудовиштето под креветот ве демне.
Ах, тие спомени на растење. Некои стравови ги надминавте благодарение на инатот, други заради сознанијата кои ги стекнавте низ годините.
Некои повреди од детството зараснаа, но оставија гадни лузни на вашето тело, додека некои до ден денес ментално ве убиваат.
Свесни сте дека пораснавте колку што можевте.
Можеби се уште не ви е сеедно кога сте сами, во темна соба, но барем сега не морате да се објаснувате зошто сте го оставиле светлото запалено.
Сега сте во состојба да ги избришете сите пајачиња од ќошињата во кои се кријат, без чувство на гадење.
И токму тоа ви ја храни самодовербата.
А тогаш, кога се помисливте дека е одлично, нешто се поместува. Се појавува некоја црна дупка, некое пореметување кое ви отвора нови слабости под нозете. Ве враќа токму на она место на кое бевте како мали.
Тоа место никогаш не се промени. Само остана таму доле, длабоко внатре во вас, затрупано и задушено. Потиснато.
Некој ве изневери. Издаде, остави. И одеднаш повторно сте во мрак. Плачете толку силно што градите ве стегаат, исплашени до очај.
Ни самите не си ги разбирате чувствата, онаа мешавина од емоции, лавина од солзи... Очекувано, никој не ве разбира.
Исто е, дури и сега кога сте големи се плашите, се чувствувате како некој да ве зграпчил за врат, да ве стуткал и ве држи во неизвесност.
Но, сега барем знаете, тоа не се трауми, туку предизвици. Можности.
Црната дупка која ви се отвори под нозете е само за да го истражите вашето дно.
На крајот од денот, секој предизвик завршува со разбирање, нежност и љубов кон себе, онака како што не можевте да се утешите како кога бевте мали.
Сега чувствувате благодарност? Да, тоа е тој момент кога разбирате дека сте пораснале многу повеќе отколку што замислувавте дека некогаш ќе можете.
Автор: М. Д. | Црнобело