Кога ќе ве разочара човек што ви бил идол, тогаш најмногу боли
Дали и вие во животот имате некој човек кој го идеализирате?
Таков на кој сметате дека секогаш можете да се потпрете затоа што во вашите очи е семоќен. Човек кој го сметате за толку способен што на моменти ви е идол во тоа како се справува со, на моменти, предизвикувачката игра наречена живот.
Секогаш со цврст став и прецизно избрани зборови, но и со нежно срце полно љубов од друга страна.
Совршен баланс на две крајности, кои прават една совршена целина и предизвикуваат восхит во вашите очи.
Тој ви е пример за тоа како еден човек треба да изгледа, да се однесува и да чекори низ животот.
Но, што кога оваа личност ќе ве разочара?
Што кога ќе фрли сенка на сè добро што направил и како крава која давала многу, многу млеко, на крајот ќе ја турне кофата и ќе ја истури?
Тогаш, разочарувањето е најголемо!
Зошто? Затоа што од него очекувањата биле најголеми!
Сте го сметале за непогрешлив, за достоен, за совршен во многу аспекти буквално.
И сте разочарани до дното на срцето.
И не, однесување на ниту една друга личност не може вака да ве разочара, затоа што од другите личности воопшто немате високи очекувања.
За поголемиот дел од луѓето сметате дека се само дел од сивилото, онакви кои кога треба да помогнат ќе се сокријат, кога им треба услуга ќе ја побараат најгласно, кога имаат корист ги има, кога немаат ги нема... И од нив немате ни очекувања, па дури и да ја направат најголемата глупост на светот и најнепромислениот потег кон вас, вам око нема да ви трепне.
Но, кога од некој кој години наназад сте го идеализирале, ќе добиете удар спакуван во форма на несоодветно однесување, тогаш срцето боли.
И само се прашувате како после ова... Мака ви е што оваа личност, за вас совршена, повеќе не е тоа што беше.
И во главата ве мачи само едно големо: „Зошто му беше потребно ова?“
Не ве боли толку што ви нанесе некаков тип штета, туку ве боли што ве разочара, ве боли што во вашите очи си ја расипа сликата што ја имавте за него.
И повеќе ништо не е исто...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело