Ќерко, немате трпение вие младите, затоа се разведувате, јас сум во брак 45 години
„Ќерко“, јас сум во брак 45 години, сопругот од кревет го станав... Имаше мозочен удар, не му дадов да се предадe. И не дека немаше мигови кога беше тешко во животот, имаше, но ние во главата никогаш го немавме разводот како опција, за разлика од вие младите денес...
Се најдов во друштво на една прекрасна постара госпоѓа. Знаете од оние со мила насмевка, со лице кое приказни раскажува за годините проживеани, но со очи кои уште блескаат со радост за животот.
И ми раскажа таа многу мудрости, кои искрено длабоко допреа до мене.
Ми раскажа како нејзиниот сопруг, со кого е 45 години во брак, пред 3 години имал мозочен удар и колку е горда на себе и сет вложен труд во тоа да го стане од кревет.
Не се откажувала, макотрпно работела со него, му ангажирала терапевти, масери, сè што е потребно, а излегла дури и од својата комфор зона и по децении пауза почнала одново да вози автомобил – само за да го однесе него на секој можен докторски преглед.
И успеала во целта – нејзиниот сакан повторно насмеан седи до неа и изгледаат како еден од најмилите брачни парови кои некогаш сум ги сретнала.
И ми раскажа, онака спонтано од срце, дека не било секогаш лесно... Дека имало мигови кога работите се комплицирале до степен на неподносливост, но ми го кажа и најважното нешто кое ги задржало заедно – „Ние разводот никогаш го немавме во глава како опција“.
И ова ме подзамисли.
Колку моќна мисла. Па, ние младите на првиот најбанален конфликт се силиме кој прв ќе поднесе документи за развод и половина на шега, половина вистина се договараме кој ќе го земе домот, кој децата итн.
Навистина лоша навика, зарем не?
И продолжи оваа мила госпоѓа да ми зборува...
„Ќерко, вие младите немате трпение. Ќе ве погледне некој накриво и готово, за вас толку е. Развод.
И што мислите разводот е решение? Не, и со некој нареден партнер ќе биде истата приказна.
Бракот е тешка работа на моменти и за да опстане мора трпение и компромиси и мисла дека сега можеби е тешко, но повторно ќе стане убаво како некогаш, па дури и поубаво“.
И додека ми го зборуваше ова милно му се насмевнуваше на саканиот, кој за цело време не ја тргна раката од нејзиното колено.
Ми ја споделија радоста која ја делат за нивните две деца и трите внучиња кои ги имаат, па уште еднаш ми ги нагласија 45-те години заедно, па заедничките патувања, па како сега си се поткрепа еден на друг во староста, па како за нешто да успее треба да се работи на тоа и некако убаво ми дојде.
Одамна, немам почувствувано таква убава смирувачка енергија.
Денес, младите вистина како да сме на нож, само како да чекаме брачниот партнер да згреши и да му се заканиме со развод, како да заборавивме дека пред Бога ветивме љубов до крајот на животот.
И оваа госпоѓа уште еднаш ме потсети за важноста на бракот: „Ќерко, сега е лесно, но доаѓаат тешки мигови, животот се случува и тој ќе ти биде поткрепа, еден на друг ќе си помагате“ и кога стана да замине, му ги подаде штаките на својот сакан и го фати под рака така милно, како во неа да ја има сета љубов на овој свет собрана за него.
Бракот сепак е убав, зарем не? Некогаш во трката да ги платиме сметките и да го однесеме детето на доктор, како да го забораваме ова...
Фокусот да не биде како да му ставиме крај, туку како да направиме да трае и да уживаме во него.
Го стиснав сопругот силно за рака, и си помислив: „Всушност, среќна сум што токму тој седи до мене на масата наречена живот и заедно играме со поделените карти...“
Прочитајте и „Ќерко“, мажот нема да го промениш, ако не ти е добар пред бракот, нема да биде никогаш!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com