„Бев со Тоше Проески во диско во Будва, ја откачи Гоца Тржан за да нè испочитува нас, новинарите - затоа беше голем“
Настапот помина беспрекорно. Во негов стил, Тоше пееше, зборуваше, не престана да игра, а не пропушти ни да каже дека многу македонски новинари се изморени и ненаспани од долгиот пат, ама дека повторно се дојдени да го поддржат.
Токму поради овој негов однос, блискоста што ја имаше со сите, Тоше беше и остана меѓу омилените.
А по настапот - истата приказна, само што овој пат освен новинари, околу него имаше и многу обожаватели. Едни бараа изјава, други автограм или да се фотографираат со него.
Бидејќи Тоше рече дека е изморен и ќе оди да спие, го оставивме и со колеги-новинари од регионот, тргнавме кон една од будванските дискотеки, каде што се одржуваше „афтерпарти“.
Додека „шизевме“, одеднаш низ вратата влезе Тоше со неговата менаџерка. Нè здогледа и веднаш тргна накај нас.
„Дечки, ајде да се подружиме малку. Уморен сум, ама имам сила за да останам 15-20 минути“, ни кажа.
И застана со нас, па почна да игра и да се забавува.
Во еден момент од зад него се појави Гоца Тржан. Го фати за раката и проба да го „извлечка“ на друга страна, ама Тоше ја „откачи“.
„Ѝ реков дека вечерва сум тука со вас. Сакам ние да се дружиме“, кажа и продолжи да игра.
Не помина ни половина час, а тој си замина. Сакаше да се одмори, бидејќи рано следното утро требаше да тргне на пат (беше дојден со својот автомобил), а ние требаше да се враќаме за Скопје.
Можеби таа вечер не поминавме многу време заедно со него, но и сега кога ќе седнам на кафе со истата екипа од Будва, знаеме да споделиме некој спомен, кој секогаш почнува со коментарот: „Ви текнува како Тоше ја откачи Гоца Тржан за нас?“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Горан Десковски