Децата ме прашуваат: „Мамо, зошто си нервозна? Не, не сум, само сум престимулирана и имам тантруми“
Маневрираш со жешки тенџериња околу децата, газиш на подот преполн со трошки, па се чувствуваш како да си на плажа. Прескокнуваш играчки, што треба да ги собереш. После ручекот се знае, правосмукалка, бришење прашина, пак миење садови, па уште некоја машина за перење алишта – Не ние мајките не сме нервозни, само сме прекумерно стимулирани.
Кога детето вреска, плаче и има изливи на гнев велиме дека има тантруми, а најчеста причина за тоа може да биде прекумерната стимулација.
Зошто? Затоа што големиот број стимулации не му дозволува да управува со своите чувства и да остане смирено, па почнува да беснее.
Но, што се случува со нас мајките? Кога ние викаме и се лутиме, ние немаме тантруми – туку ни велат дека сме гневни и бесни, но дали е така?
Деновиве на социјалните мрежи мајките споделуваат објави во кои велат:
„Може ли да зборуваме за фактот дека понекогаш на мајките им се случува да бидат премногу стимулирани, и нивната реакција да биде погрешно сфатена како гнев?“
Секоја од нив споделува како им изгледа секојдневието и како изгледа моментот пред да избувнат и да добијат тантрум, што за многумина е неоправдан излив на гнев.
Како мајка на две мали деца, апсолутно ги разбирам другите жени и, да, се сложувам со тврдењето – Не сум гневна, само сум премногу стимулирана и ми треба ОДМОР.
Недела наутро. Децата што цела недела ги молиш да станат навреме за во градинка и за во училиште се разбудиле точно во 7 часот и веќе почнуваат да викаат: ’Мамо пушти ни цртани‘, ’Мамо што имаме за појадок денес?‘, ’Мамо каде ми е омиленото фустанче?‘, ’Жено, да не си ми ги видела клучевите од автомобилот?’…
А ти само сакаш уште пет минути да склопиш очи и барем еден ден во неделата да спиеш – но, си велиш: „Најди некој друг сон – овој очигледно нема да ти се оствари во догледно време“ и стануваш да го почнеш денот.
До 8 часот веќе сум одговорила на милион прашања, сум испржила полна чинија лепчиња со јајца, сум ја наместила масата за појадок со пијалаци за сечиј вкус, а попатно сум наполнила машина за алишта…
Во 9 часот веќе ме чека полн мијалник чаши и чинии, полна машина со алишта што се испрале и треба да се стават на жица за сушење и две деца кои упорно ме прашуваат и потскокнуваат околу мене: „Каде ќе шетаме денес?“
Ги носиш децата на прошетка, попатно бараш некое продавниче што работи да докупиш тоа што ти треба, а треба да одговориш на милион прашања:
„Мамо а каква е оваа птица?“, „Мамо, а зошто пешачкиот премин се вика зебра?“, „А дали треба само на белите линии да одиме?“, „А ќе ми купиш гумени бонбони? Купи ми, купи ми…“
Штом се вратиш дома уморна од прошетката, тантрумите и одговорите, веќе треба да се подготви ручек – три гладни усти чекаат на тебе и ако не им дадеш брзо храна, тебе ќе те изедат.
Маневрираш со жешки тенџериња околу децата кои весело чекаат да добијат јадење, на подот преполн со трошки. Па додека се чувствуваш како да си на плажа, постојано викаш: „Бегајте, жешко“.
Прескокнуваш играчки, што треба да ги собереш додека се готви ручекот…
После ручекот се знае, правосмукалка, бришење прашина, пак миење садови, па уште некоја машина за перење алишта.
Околу 17 часот веќе си мртва уморна, и само сакаш да најдеш минутка за себе и да се одмориш од прекумерната стимулација, додека диплиш алишта, а едното дете доаѓа со тетратката и ти вика:
„Мамо, заборавив дека треба да напишам домашна!“
Се обидуваш смирено да помогнеш и да се заврши домашното, но веќе знаеш дека си на работ и дека во секој миг ќе се прелее чашата, па ти доаѓа онака, како мало дете да почнеш да си плачеш и да врескаш – зошто?
Затоа што сите мислат дека ти си робот – на копче, дека немаш потреба од одмор…
Стануваш да одиш до тоалет и ѕирнуваш во собата што пред малку си ја исчистила, а таму помалото дете се заиграло, па собата што пред 5 минути била совршено чиста сега е како да поминало торнадо.
И што правиш? Нормално, почнуваш да викаш… Но, не си гневна… Едноставно си уморна, едноставно немаш сили за да се бориш со сè… Или си почнала да викаш уште додека си ги собирала играчките…
Неважно…
Да, да се биде мајка е напорна работа. Секогаш некој нешто бара од тебе: да одиш на работа за да донесеш парче леб, сите да ги испереш и да ги испеглаш, да знаеш каде се наоѓа сè, да мислиш на сметките.
Постојано некој те бара да дојдеш, те вика, кога ќе седнеш да одмориш, кога сакаш да изгледаш еден филм, да прочиташ книга, кога си влегла да се тушираш…
И по напорниот ден, сепак на крај легнуваш до малите ѓаволчиња што ти ја извадиле душата цел ден и си мислиш: „Боже, колку ги сакам (додека спијат)“.
Доаѓа понеделник, а знаеш дека пред тебе е седмица во која повторно ќе бидеш прекумерно стимулирана: од брзање да стигнеш навреме и да ги однесеш децата во училиште, до брзање да стигнеш на работа, до бркање рокови и термини на работното место, за на крај кога ќе си дојдеш дома уште од врата да те пречекаат и да те прашаат: „А што ќе јадеме денес…“
Не, ние мајките не сме нервозни – туку сме премногу стимулирани и ние и како децата имаме право на тантруми.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело