Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца?
Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи ги празните улици на градот. Додека гледав во сопствената силуета отсликана на прозорецот која се прелеваше со паркираните автомобили и растреперените семафори, мислев на разговорот што го водевме со неколку пријатели еден час претходно.
Начнавме многу теми, но најмногу се задржавме на детството. Колку повеќе зборувавме за тие волшебни мигови, толку повеќе станувавме носталгични по годините кои никако не можевме да ги вратиме, туку само да се сеќаваме на нив. Но, едно нешто изоставивме – детскиот страв.
Мислам дека сите родени на почетокот од деведесеттите барем во еден период од детството стравувале од Баба Рога – страшна и грда вештерка, која живее пустинички живот длабоко во најмрачната шума и се храни со непослушни деца.
Баба Рога од секое дете беше посебно доживувана, а нашите родители, како и бабите и дедовците се повикуваа на неа кога бевме немирни. Барем така беше во мојот случај!
Безброј пати ми имаат повторено дека Баба Рога се наоѓа пред нашите влезни врати и чека да влезе, но таа средба никогаш лично не се оствари.
Поради тоа што летните распусти ги минував на село, самовилите, овие митолошки и фолклорни суштества постојано беа присутни во моето секојдневие на еден невидлив начин.
Во дневниот престој имавме гоблен на кој имаше дванаесет млади девојки, кои со фустани се капеа во река и играа наоколу.
Токму овие женски ликови беа прототип на самовилите кои живееја во селото од моето детство. Шест од нив беа добри, останатите шест беа лоши. На лик сите беа исти, ги разликував само по облеката и бојата на косата.
Токму овие девојки колку и да изгледаа убаво и примамливо понекогаш знаеја да бидат страв и трепет за мене, но и за останатите селски деца. Преку ден немавме проблем, но штом ќе се смрачеше секогаш бевме претпазливи.
Баба ми и дедо ми ми велеа дека лошите самовили најчесто се врткале околу воденицата и на пругата што тоа време беше во изградба. Затоа не смеевме да се оддалечуваме од семејната викендичка, зашто тие најчесто примамувале со пеење.
Па, затоа кога и да ги слушневме пијаните соседи како пеат некоја народна песна, прво се штрекнувавме, мислејќи дека се самовилите, па дури потоа сфаќавме дека музиката доаѓаше од расипаните звучници на чичко Мартин кој пиеше ракија и јадеше пржен суџук со другарите и нивните жени.
Не знам од каде, но во шупата кај маалското другарче Војдан имаше огромен плишен кловн чиј грб беше распаран, па затоа никој не се играше со него. Ама затоа служеше како плашило кое често беше спомнувано од постарите соседи кога правевме врева низ маалото.
Се повикуваа на него како на некој антихерој и синоним на злото, па ако сакавме да ги избегнеме непријатностите моравме веднаш да се смириме. Затоа често алудира на тоа да внимаваме што правиме затоа што страшниот кловн будно нè гледа насекаде.
Ако почнам да набројувам ќе треба да се распишам уште илјадници зборови. Знам дека имаше уште многу чудовишта, натприродни појави, невообичаени предмети кои се употребуваа сè со една цел да го смират непослушното дете.
Тоа беше и единствената причина. Сигурно да бевме мирни цело време немаше да нè плашат за ништо!
Пред да завршам ќе го спомнам и ова… Кога одевме на уќилиште и кога бевме мрзеливи за учење, моите често знаеја да ми кажат: „Е, па ако не завршиш школо ќе одиш и ќе чуваш овци на планина, па ќе видиме тогаш!“.
Од оваа перспектива тоа звучи баш супер, земајќи предвид каде отиде светот, нели?
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело