„Ах, кога баба ми месеше зелник - Нема поубаво, тоа е мирисот на моето детство“
Во моето семејство традиција беше правењето на зелник. По рецептот на баба ми. Направен од нејзините раце. Самиот чин на правење на зелник во мојот дом беше еднаков на права шпанска серија со највисок рејтинг. Баба ми веднаш ќе ја ставеше кујнската престилка и ќе го истуреше брашно на масата. Потоа, ќе почнеше да го меси тестото применувајќи ги сите свои вештини и знаења, мислејќи си дека е во некое телевизиско шоу за готвење и дека целата држава ја гледа нејзината мајсторија.
Бев да ја посетам мојата баба. Малку да си позборуваме и да испиеме едно кафе како баба и внук. Често сум отсутен и не можам целосно да го поминувам времето со неа како некогаш, па ми недостига нашето дружење. А и таа остарела, веќе не е онаа истата како што ја знаев. Годините си го направиле своето.
Размислував на многу работи поврзани за мојата баба, но највеќе на моментите којшто сме ги поминале заедно.
Знаете како, кога некоја личност го опишува вашето детство сигурно мора да сте многу приврзани за неа.
Јасно е дека ние луѓето не паметиме денови, туку моменти. Моментите изминати со мојата баба се најубавата колекција која себично ја чувам само за мене. Но, колку вредат истите доколку не ги споделиш со некого? Па, така решив да споделам со вас една посебно значајна приказна за мене.
Во моето семејство особена традиција беше правењето на зелник. По рецептот на баба ми. Направен од нејзините раце.
Самиот чин на правење на зелник во мојот дом беше еднаков на права шпанска серија со највисок рејтинг.
Почнувајќи од тоа што дедо ми на еден саркастичен и духовит начин ќе ѝ кажеше на баба ми: „Жено, немој да си месела зелник”.
Исто како во онаа народната приказна во која мажот мораше да ѝ зборува сè обратно на жената - инаетчика за таа да го направи обратното.
Додека пак, од другата страна, баба ми веднаш ќе ја ставеше кујнската престилка и ќе го истуреше брашното на масата. Потоа, ќе почнеше да го меси тестото применувајќи ги сите свои вештини и знаења, мислејќи си дека е во некое телевизиско шоу за готвење и дека целата држава ја гледа нејзината мајсторија.
„Ех, колку зелници имам јас направено”, беа само дел од нејзините коментари кои беа редовен дел од чинот правење зелник во нашето семејство.
А јас седнат на едно столче во ќошот од кујната бев единствената публика која ја гледаше, и само и подавав од работите кои ќе ми ги побараше.
„И мајка ти убав го прави, само многу брашно му става” – знаеше да ми каже, докажувајќи се себе како најголемата мајсторица.
Јас бидејќи сакав да видам малку драма, ќе ѝ ја споменев сосетката отспротива која баба ми ја сметаше за нејзина најголема конкуренција.
Коментарите од типот на: „Ех, таа поминала низ мојата школа” , или пак: „ Јас ја научив како се прави” беа моите омилени кои сакав да ги чујам за да го разгорам огнот дополнително.
Искрено, јас не бев многу од помош, можеби повеќе сметав од колку што помагав. Единствено нестрпливо чекав да се испече зелникот и прв да го пробам.
Откако ќе се направеше зелникот, ќе ја поставевме масата и целото семејство ќе седневме на трпезата за да го пробаме.
На пофалбите баба ми никогаш не остануваше рамнодушна, па така повеќепати во текот на јадењето ќе ја пофалевме дека никој подобро не го прави од неа.
А, пак, вистинско доживување беше моментот кога ќе ми завиткаше едно парче зелник и ќе ме пратеше кај сосетката да ѝ однесам да го проба.
Навистина безброј спомени кои ме навраќаат во едно посебно време, ме навраќаат на посебни личности којшто го направиле мојот живот да изгледа поразлично.
Знаете, животот е приказна исполнета со многу моменти и доживувања кои никогаш не можат да избледат од нашето сеќавање. Можеби некогаш нема целосно да се сеќаваме на нив, но нашето срце и емоции сигурно ќе ги памети до најситниот детаљ.
Додека пак луѓето доаѓаат и заминуваат, никој не останува вечно без разлика колку тоа ние го сакаме. Но, никогаш нема да заминат моментите и делата коишто сте ги креирале со некои посебни личности.
Чувајте ги вечно тие моменти, бидејќи само на тој начин ќе можат вечно да живеат и луѓето околу вас. Секако, бидете волшебникот во вашата животна приказна и со малку волшебен прав креирајте многу моменти и спомени коишто вечно ќе ги паметите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Б. | Црнобело / фото: freepik.com